skip to Main Content

Една година по упадот во Собранието – тема на „Студио 1“ со Искра Опетческа и Владимир Пивоваров

Една година по упадот во Собранието – тема на „Студио 1“ со Искра Опетческа и Владимир Пивоваров
  • 27.04.2018

На годишнината од крвавиот четврток, 27 април 2017-та се потсетуваме на најцрната дамка на македонската демократија. Упад во Собрание, раскрварени пратеници, новинари, полицајци, обични граѓани… Новинарката Искра Опетческа раскажува за траумите од преживеаното.

„Во еден момент знам само дека бев во десниот агол од прес центарот кога влезе толпата. Прво добив удар од сталак од камера на градите. Бидејќи цел живот сум новинар, пред се во телевизија, не ми се виде многу страшно бидејќи цел живот носиме сталаци. Но потоа ме удрија со сталак по левото рамо и на крај, кога добив стол по глава и кога успеав да се свртам инстинктивно, кога паднав на земја, видов дека работата не е наивна“, раскажува Опетческа.

Една година потоа, обвинети се 30 лица, приведени и притворени пратеници, осомничени функционери од МВР, истрауматизирани жртви на насилството, посрамотена нација. Според експертот за безбедност Владимир Пивоваров, тоа што го видовме на екраните е само малата слика. За големата, вели, истрагата треба да не доведе од извршителите, кои веќе ги знаеме од покренатите судски постапки, до нарачателите на ова тешко кривично дело. За ова, смета Пивоваров, треба да се следи синџирот на одговорност според Златната команда во МВР.

„Оној 10-годишен период на создавање на партиска војска на послушници доведе до тоа тие што биле задолжени за обезбедување на Парламентот не постапиле според законските одредби, туку, претпоставувам дека истрагата ќе работи да докаже, дека некој ги инструирал да не преземаат никакви дејствија во врска со она што се случува“, вели Пивоваров.

Според него, се било толку добро организирано, со повеќе сценарија и присутни безбедносни институции, претставници на армијата и криминализирани лица.

„Имаше повеќе сценарија. И сега од истрагата гледаме дека метата за премиерот Заев не била видлива за тој да пука. Толку малку фалело да дојде до тоа што тие го посакувале. Тие биле диригирани да го направат тоа“, смета Пивоваров.

Една година по крвавите настани, нашите соговорници сметаат дека иако ваквите настани не вратија векови наназад, може да се заклучи дека полека се извлекуваме од канџите на заробената држава и напредуваме во демократските принципи на владеење.

Back To Top