skip to Main Content

Одбраната на обвинетите во „27 април“ обвинува дека предметот е политички мотивиран

Одбраната на обвинетите во „27 април“ обвинува дека предметот е политички мотивиран
  • 24.08.2018

Судијката Добрила Кацарска даде еден час пауза на судењето за упадот во Собранието на 27 април, откако судницата ја напушти адвокатот на обвинетиот Горанчо Ангеловски, за да му обезбеди адвокат по службена должност.

Неговиот адвокат Тони Менкиновски претходно рече дека немал доволно време да ја подготви одбраната на неговиот клиент и поради тоа го повлече полномошното и ја напушти судницата, порачувајќи дека за тоа ќе го информира Комесарот за човекови права на Советот на Европа.

Кацарска порача дека тој не може да влијае врз работата на судот со закани и образложи дека обвинетиот го имал ангажирано како бранител адвокатот Александар Огненовски, но на 20-ти јули тој му го откажал полномошното.

Како што објасни, веднаш го известила Ангеловски дека може да избере нов бранител, но откако не добила одговор, му назначила бранител по службена должност. Тој го избрал Менкиновски, кој ја известил дека ќе го застапува обвинетиот еден ден пред судењето.

Според судијката, Менкиновски не смеел да ја напушти судницата и да го остави Ангеловски без адвокат, поради што судот ќе преземе мерки.

На денешното рочиште прв своите воведни зборови ги даде адвокатот на обвинетиот Иван Цветановски, Драган Пешевски. Тој нагласи дека обвинителството за истото дело досега дало четири различни правни квалификации. Тој смета дека обвинителството имало доволно време да ги квалификува овие настани, истакнувајќи дека лошо си ја завршило неговата работа.

-Иван е обвинет со една реченица – дека ја повикувал, водел и насочувал толпата. Тој истакна дека обвинителството не дало повеќе детали за таа „реченица“ од обвинителниот акт. Адвокатот посочи дека по согледување на доказите ќе се воочи дека за целото време Иван бил или пред кабинетот или во кабинетот на Трајко Вељаноски. Снимките ќе покажат дека ниту водел, ниту повикувал. Исто така, тој нагласи дека неговиот клиент се обидувал да го скрие Антонио Милошоски за време на настанот.

Адвокатот на Борис Дамовски, Рубин Двојаков посочи дека во обвинителниот акт има наведено само едно дејствие – држеше говор со наратив за неговата земја.

Двојаков, пред судот истакна дека неговиот штитеник и припаѓа на уметничката, а не на криминогената фела и дека наводите на обвинението не кореспондираат со реалната состојба на 27 април.

-На Обвинителството ќе му треба повеќе среќа отколку стручност во делот на докажување на обвинението за Борис Дамовски. Тој се обвинува за едно дејствие, дека држел говор за неговата земја, за неговата татковина. Она што го претставува обвинението е спротивно на креативниот и творечкиот опис на мојот клиент, рече адвокатот Двојаков.

Тој изрази увереност дека неговиот клиент ќе добие ослободителна пресуда бидејќи само држел говор пред Собранието.

-Се надевам на ослободителна пресуда за сите, истакна Двојаков.

Сања Алексиќ, адвокатката на Богдан Илиевски – Бетмен, истакна дека одбраната со предложената листа на докази ќе докаже дека обвинетиот не го сторил делото, туку ги остварувал неговите права.

Адвокатот Ставре Џиков на обвинетиот Владо Јовановски посочи дека станува збор за политичко обвинение.

-На Обвинителството му требаа 6 месеци да ги препознае овие терористи и да тргне во политички прогон. Обвинението не е составено во Обвинителството туку во други простории од други личности. Се наоѓаме пред суд и судски совет од друго време, рече Џиков.

Ова предизвика нова расправија, по што Кацарска го опомена и адвокатот на Владо Јовановски, Ставре Џиков, дека ќе го казни ако го навредува судот.

-За навреда на судот следи парична казна. Држете се до предметот на обвинението, а не да говорите како било во минатото. Ова е усна опомена, за после тоа знаете, му рече Кацарска.

Back To Top