skip to Main Content

Директорот на ОТА смета дека не постои можност повторно да ни се случат „бомби“ или „Големото уво“

Директорот на ОТА смета дека не постои можност повторно да ни се случат „бомби“ или „Големото уво“
  • 02.11.2019

Една година откако работи Оперативно-техничката агенција (ОТА) директорот Зоран Ангеловски изразува задоволство од начинот на кој функционира и нагласува дека е основана со цел да оневозможи каква било злоупотреба на мерката следење на електронските комуникации. Во интервју за МИА говори за улогата, надлежностите, можноста за злоупотреба, при што истакнува дека не постои можност повторно да ни се случат „бомби“ или „Големото уво“.

Ангеловски за МИА вели дека не е точна сумата од 7.000 евра што беше објавена во јавноста за киријата што ОТА ја плаќа за нејзиното седиште во „Телеком“. Во интервјуто говори и за бројот на вработените, но и за бројот на случаи во 2019 година во кои ОТА технички посредувала во активирање на мерката за следење на комуникациите. Во 2019 година заклучно со септември, ОТА технички посредувала во активирање на мерката за следење на комуникациите вкупно во 369 комуникации.

– ОТА обезбедува техничка поврзаност помеѓу операторите и овластените органи, при што потребно е да се нагласи дека ОТА не поседува техничка можност за пристап до содржината на следената комуникација, што значи дека ОТА не прислушува. Техничката поврзаност се обезбедува исклучиво врз основа на судска наредба заради спроведување на следењето на комуникациите во согласност со Законот за следење на комуникациите, односно ОТА постапува само врз основа на добиена судска наредба. Сметам дека не постои можност повторно да ни се случат „бомби“ или „Големото уво“ од причина што ОТА во своето работење се раководи и се придржува на законските одредби, односно доколку не добие судска наредба, ОТА не обезбедува техничка поврзаност помеѓу операторите и овластените органи, што значи дека не се овозможува следење на комуникациите. Воедно, сакам да истакнам дека ОТА подлежи на многу контроли, во кои се вбројуваат: Собранието на Република Северна Македонија, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Дирекцијата за заштита на лични податоци, Народниот правобранител на Република Северна Македонија, Советот за граѓанска контрола, судовите и Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, поради што можноста за противзаконско работење на ОТА е сведена на минимум, вели Ангеловски.

Во однос на тоа колку случаи во 2019 година ОТА технички посредувала во активирање на мерката за следење на комуникациите и дали меѓу нив има и за потребите на СЈО,тој вели дека во 2019 година заклучно со септември, ОТА технички посредувала во активирање на мерката за следење на комуникациите вкупно во 369 комуникации.

Back To Top