skip to Main Content

Димитров очекува почеток на преговори со ЕУ следната година

Димитров очекува почеток на преговори со ЕУ следната година
  • 08.11.2018

Во интервју за германскиот весник Тагесшпигел, шефот на македонската дипломатија Никола Димитров изразува очекување дека следната година Македонија ќе ги започне преговорите за членство во ЕУ.

-Во поглед на нашите постигнувања, сакаме да го направиме невозможно евентуалното непостигнување консензус меѓу земјите-членки на ЕУ за почеток на преговорите за членство, вели Димитров.

Како што објаснува, Македонија требаше да ја добие поканата за почеток на преговорите во јуни годинава на самитот на ЕУ, но поради противењето на Франција и Холандија, поканата беше одложена за јуни 2019 година. И тогаш, како и следната година, главниот адут останува решавањето на спорот за името со Грција.

Во разговорот, Димитров вели дека за неговата земја „процесот на влегување во ЕУ е поважен од временската рамка“.

-Нашата највисока цел не е влегувањето во ЕУ само по себе, туку сакаме да го искористиме процесот на преговори за да се европеизираме, вели Димитров.

Димитров е убеден дека нема да изостане поддршката на опозицијата и во следните гласања во парламентот, кога повторно ќе биде потребно двотретинско мнозинство за имплементација на Преспанскиот договор и измени на Уставот.

Во интервју за истиот весник кое ќе биде објавено утре, шефот на германската дипломатија Хајко Мас оценува дека „македонската влада вложила огромни напори за да го реши спорот со Грција“.

-Имплементацијата на историскиот договор е подвиг во кој Скопје постигнува вистински напредок, рече Мас.

Димитров и Мас утрово во Берлин имаа заеднички појадок на кој се дискутирало за имплементација на Преспанскиот договор и реформскиот процес во Македонија.

Back To Top