skip to Main Content

Димитров: Многу е тешко некоја земја членка на ЕУ да каже „не“ за македонската приказна во 2019 година

Димитров: Многу е тешко некоја земја членка на ЕУ да каже „не“ за македонската приказна во 2019 година
  • 03.05.2019

Врз основа на реформските процеси и врз основа на решавањето на билетаралните спорови оваа година имаме многу силен случај. Многу е тешко некоја земја членка на ЕУ да каже „не“ за македонската приказна во 2019 година, тоа е сегашната ситуација, изјави денеска шефот на дипломатијата Никола Димитров во врска со тоа дали земјата ќе добие датум за почеток на преговори во јуни годинава.

Според него, постои мала конфузија во читањето на пораките од Берлинскиот самит.

-Процесот е секогаш во три чекори-Европската комисија го објавува извештајот, државите го читаат, го анализираат, го споредуваат со свои информации, потоа  го разгледуваат во рамките на Советот за општи работи, а потоа во Советот на ЕУ донесуваат политичка одлука, рече Димитров.

Тој на прославата на 50-годишнината од Министерството за надворешни работи се осврна на историјатот на министерството кое почнало како Биро за односи со странство на 29 април 1969 година, а подоцна прераснало во Секретаријат за односи со странство.

-Горди сме што во последните две години ја вративме честа на дипломатијата. Имаме 19 дипломати од кариера со оваа влада од кои пет амбасадори се жени, со што се трудиме да ја постигнеме родовата еднаквост. Амбасодрки има во ЕУ, Лондон, Париз, Стокхолм и Љубљана, рече Димитров.

Тој истакна дека никогаш во историјата немало ваква група професионални кадри со дипломатско искуство во однос на испразнетите амбасадорски места дека оваа ситуација ќе се реши по завршувањето на изборите.

Во однос на новиот закон за МНР, Димитров рече дека се во фаза на подготовки и дека сака да се менуваат многу работи, пред се министерството да се заштеди од политички влијанија, а целта е да се направи систем во кој ќе се вреднува способноста на одредена личност за вршење одредена функција.

Пред присутните на одбележувањето на 50 години од македонската дипломатија се обрати министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, нагласувајќи дека јубилејот се случува во исклучително важен период за нашата држава и додавајќи дека министерот Димитров направил исклучителен исчекор во однос на родовата рамноправност.

На одбележувањето беше и премиерот Зоран Заев кој напомена дека во клучна година за евроатлантските интеграции на земјава се одбележуваат 50 години од македонската дипломатија.

Целта во моментов, рече Заев е да делуваме активно и конструктивно во меѓународните односи и да ја промовираме државата како кредибилен и релевантен соговорник во сите меѓународни организации.

Истакна дека во моментов земјата седи на иста маса со останатите земји членки на НАТО, а е и на чекор на прагот на ЕУ. Порача дека треба да создаваме уште поуспешна меѓународна политика која што ќе се заснова на професионалност, континуирана едукација и искуства, но акцент ќе става и на развивање на културната и на јавната дипломатија.

Back To Top