skip to Main Content

Димитров-Катругалос: Продолжување на позитивната динамика во соработката меѓу двете земји

Димитров-Катругалос: Продолжување на позитивната динамика во соработката меѓу двете земји
  • 12.05.2019

Подготвеноста за продолжување на позитивната динамика во која се развиваат односите и соработката меѓу двете земји искажале на денешната средба во Скопје министерите Никола Димитров и Џорџ Катругалос, кој во име на грчката Влада присуствуваше на инаугуративната церемонија на претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.

За време на состанокот, како што соопшти МНР, соговорниците ја потврдиле подготвеноста за продолжување на позитивната динамика во која се развиваат односите и соработката меѓу двете земји. Било нагласено дека средбите на највисоко ниво (особено со посетата на премиерот на Грција, Алексис Ципрас на Скопје), ја одразуваат желбата за градење на односи темелени на заемна доверба и партнерство.

Двајцата соговорници разговарале и за економската соработка, со посебен осврт врз инфраструктурното поврзување, со што се олеснува севкупната комуникација на граѓаните и стопанските субјекти, вклучувајќи ги двата нови договорени гранични премини.

Министерот Димитров уште еднаш се заблагодарил за грчката поддршка за членството на нашата држава во НАТО и ЕУ.

Тој го нагласил задоволството од темпото на ратификација на пристапниот протокол во земјите-членки на Алијансата и ги пренел и очекувањата дека реформските и добрососедските постигнувања на Северна Македонија ќе добијат соодветно вреднување и од Европската Унија: „Тоа ќе биде извонредно значајна порака до целиот регион: патот кон ЕУ е возможен и зависи од постигнати резултати.”

Back To Top