skip to Main Content

(Видео) Дескоска: Две опции се во игра ако не се избере претседател на државата

(Видео) Дескоска: Две опции се во игра ако не се избере претседател на државата
  • 18.04.2019

Две опции во игра доколку на овие претседателски избори не се постигне потребниот цензус во вториот круг. Првата, – Шефот на државата да се избира непосредно од граѓаните без потребно мнозинство во вториот круг и втората опција – тој да биде избран во Собранието, рече министерката за правда Рената Дескоска,

– Ние имаме препорака од Венецијанска комисија дека цензусот што постои во Уставот за избор на претседател е нешто што не е соодветно и мора да биде тргнато. Тоа е препорака што се провлекува уште од претходните избори. Странските експерти веќе забележале дека има нешто што е нетипично во другите земји што некогаш на некој начин може да претставува опасност за да не може успешно да се спроведат претседателски избори. Менувањето на Уставот со цел да се олесни процесот на избор на претседател е нешто што веќе е препорачано и од ОБСЕ односно ОДИХР. Има две опции, едната е претседателот да се избира на непосредни избори без потребно мнозинство на излезност во вториот круг. Тоа значи кој ќе добие повеќе гласови  победува и тука немате можност да минирате избори преку бојкот. Другата опција е избор на претседател во Собрание. Тоа се две различни опции кои се можни и кои постојат во компаративното право, рече Дескоска.

Загриженоста од цензусот во последните денови од изборната кампања во првиот круг јавно е присутна и кај двајцата лидери и на СДСМ Заев и на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. Тие  на митинзите постојано ги повикуваат граѓаните да излезат и да го дадат својот глас.

Во уставот пишува дека за да биде избран шеф на државата во првиот круг од изборите, неопходно е за него да гласаат мнозинство од вкупно запишаните 1.808.131 избирачи во избирачкиот список,  односно најмалку 904.066 граѓани со право на глас. Доколку во првиот круг никој не го добие потребното мнозинство, во вториот круг одат двајцата кандидати што освоиле најмногу гласови во првиот круг. За претседател ќе биде избран кандидатот кој добил мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излегле повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи. Доколку и во вториот круг ниту еден од двајцата кандидати не го добие потребниоит број на гласови, целата постапка се повторува.

Весна Велкова Тодоровска

Back To Top