skip to Main Content

Делегација од НГ на Вермонт, предводена од генерал-мајор Стивен Креј во посета на АРМ

Делегација од НГ на Вермонт, предводена од генерал-мајор Стивен Креј во посета на АРМ
  • 17.09.2018

Висока воена делегација на Националната гарда (НГ) на сојузната држава на САД, Вермонт, предводена од командантот на НГ на Вермонт, генерал-мајор Стивен Креј со прием кај началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски ја почна официјалната посета на Република Македонија.

За време на приемот, информираат од МО, генералите Ѓурчиновски и Креј разговараа за одличната воена соработка на АРМ со НГ на Вермонт, која ја започнува својата јубилејна 25-та година. Притоа го истакнаа значењето кое досегашните заеднички активности го имаа не само за достигнување на интероперабилноста на АРМ во постапките кои се применуваат во армиите на НАТО земјите членки, туку и за зацврстување на меѓусебните релации и во останатите сегменти на одбраната.

По приемот кај НГШ на АРМ, се реализира работен состанок со раководните старешини во ГШ на АРМ, за време на кој се презентираа процесот на трансформација на АРМ, активностите на АРМ, како и актуелните заеднички активности поврзани со можностите за повторни заеднички настапи во вежбовни активности и мировни мисии.

Делегацијата од НГ на Вермонт во текот на денешниот ден во касарната Илинден оствари посета на инженерискиот баталјон, чии припадници имаа интензивни заеднички активности со НГ на Вермонт во изминатите години.

Во текот на посетата во следните денови делегацијата од НГ на Вермонт ќе оствари средба со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, ќе ја посетат воздухопловната бригада на АРМ, Центарот за обука на вода, а ќе остварат посета на министерството за внатрешни работи и Центарот за управување со кризи.

За време на обиколката на единиците на АРМ ќе бидат презентирани средствата, капацитетите и нивните активности.

Годишните взаемни посети со НГ на Вермонт на највисоко армиско ниво имаат за цел лоцирање на потребите и можностите за надградување на соработката преку воената контакт програма за соработка, која во досегашниот период им овозможи на припадниците на АРМ кои учествувале во обуките и вежбите да ги применуваат во потполност стандардите на НАТО.

Back To Top