skip to Main Content

Дебата: При моделот на јавно приватно партнертво да се дефинираат сите ризици и можности

Дебата: При моделот на јавно приватно партнертво да се дефинираат сите ризици и можности
  • 11.07.2019

При употреба на моделот на јавно приватно партнерство (ЈПП) од суштинска важност е конструкцијата на добар договор. Во негови рамки се дефинираат сите ризици и можности, а воедно и се проектираат сите трошоци како и капитални инвестиции, оцени Борче Треноски, професор на Економскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ на денешната јавна дебата „Јавно приватно партнерство како економски модел за инвестирање“.

– Дополнително, со добро структуриран договор, се дефинираат механизмите што ги користи и јавниот и приватниот партнер и секоја од страните се обврзува за целосно нивно почитување. Затоа, неопходно е експертско познавање од темата и јасно дефинирање на сите ставки во самиот договор, вклучително и оние кои се однесуваат на самиот мониторинг и контрола на имплементацијата на проектот, смета Треноски.

Министерот за здравство Венко Филипче нагласи дека ресорното Министерство има јасна стратешка цел – постојано унапредување, развој и подобрување на здравствениот систем.

– Вршејќи анализи, во смисла на управување, менаџирање и инвестиции, согледан е фактот дека се потребни чекори со кои ќе се унапредат состојбите, со цел да се овозможи уште подобра здравствена услуга. Во таа насока, би сакал како институција која има почнато првични чекори и постапки за доделување на ЈПП во неколку области, ја поздравувам иницијативата за реализација на јавен настан на оваа тема и верувам дека ова ќе претставува поттик за понатамошни дискусии за овој модел, изјави Филипче.

Саша Максимовски, експерт за модели на ЈПП рече дека интересот на јавниот партнер се лоцира во потребата од менаџирање и оптимизација на процесите, додека приватниот партнер треба да обезбеди капитал, соодветна инфраструктура, како и да поседува искуство.

– Како економски модел, доколку правилно се спроведе, ЈПП може одлично да функционира. Една од клучните работи за реализацијата на успешно ЈПП е изработка на физибилити студија – но детална, содржајна студија – сериозно, релевантно истражување на услугите, на потребите кои се јавуваат, рече Максимовски.

Со овој настан, што  се одржа во организација на невладината организација „Аналитика“ и Агенцијата АПРА, беше отворен процесот на дијалог помеѓу релевантните и заинтересирани страни преку подобро запознавање на јавноста за можностите и предизвиците кои ги нуди јавното приватно партнерство како модел и досегашната пракса и искуства при неговата примена.

Back To Top