skip to Main Content

Двајца критично повредени во ГОБ „8 Септември“, засега во стабилна состојба

Двајца критично повредени во ГОБ „8 Септември“, засега во стабилна состојба
  • 15.02.2019

Нема влошување на состојбата од витално живото загрозувачки карактер на некои од повредените во завчерашната сообраќајна несреќа на автопатот Скопје-Тетово, кои се сместени во Градската општа болница „8 Септември“, изјави попладнево директорот на таа јавна здравствена установа Христијан Костов.

Посочи дека двајцата повредени кои во критична состојба се мажи на возраст од 40 до 50 години и имаат повреди на мозокот, интрацеребрални крварења и се под контрола на неврохирург.

– Засега се во стабилна состојба. Како ќе се развива клиничката слика не знаеме, ќе покаже времето. Најмладиот пациент на возраст од 15 години е опериран синоќа и е во добра состојба, истакна д-р Костов.

Потенцира дека од 28 згрижени пациенти во ГОБ „8 Септември“, шест денеска се пуштени на домашно лекување.

– Од другите 22 пациенти пет се во Одделот за интензивно лекување, двајцата кои се во критична состојба се на механичка вентилација, а другите тројца се оперирани и се во добра општа состојба. Кај дел од останатите 17 пациенти кои се по другите оддели се прават допонителни иследувања, а кај некои од нив со скршеници ќе им се направи интервенција. Тројца кои се оперирани на стомачната шуплина се во стабилна општа состојба, рече д-р Костов.

Нагласи дека семејствата на повредените добиваат соодветни информации за нивната состојба и веќе е организирана и посета на повредените од полесен карактер.

– Ги имаме сите крвни деривати. Има луѓе кои доброволно даруваат крв, додаде д-р Костов.

Претходно. министерот за здравство Венко Филипче изјави дека во Клиничкиот центар се лекуваат осум пациенти од кои четворица се на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, по еден пациент има на клиниките за трауматологија, неврохирургија, торакална хирургија, а една бремена жена се лекува на Клиниката за гинекологија и е во добра општа состојба. Додаде дека четворицата пациенти кои се сместени во КАРИЛ се во тешка состојба.

Back To Top