skip to Main Content

Голем протестен марш за хуман третман на бездомните животни

Голем протестен марш за хуман третман на бездомните животни
  • 04.11.2018

Со извици, пароли и свирчиња, предводени од здруженијата за заштита на животните, стотици граѓани денеска низ улиците на Скопје маршираа со една порака – хуман третман на бездомните животни.

Дел од нивните барања се стационарите да бидат под раководство на активисти и да се спроведуваат инспекциски надзори со високи казни за нерегистрирани и напуштени миленици.

На маршот кој се движеше од Собранието кон Владата и до Град Скопје се придружија повеќе граѓани и љубители на животни. Дел дојдоа и со своите миленици.

Демонстрантите со пароли порачаа: „Во Дрисла ја закопавте вашата совест“, „Убиство не е природна селекција“, „Правда за животните“, „Казни за напуштени миленици“, „Дајте го Вардариште“.

Пред Владата се обрати активистката Драгана Велковска, која посочи дека предлозите кои ги нудат ќе го решат проблемот трајно, за само неколку години, за разлика од институциите кои не го решаваат повеќе од една деценија.

„Доста ни е од безидејност. Го бараме стационарот на управување. Ги бараме стационарите од цела земја. Секоја општина има по едно ‘Вардариште’“. Неколку пати ги повикав овде луѓето кои не сакаат животни по улиците. И ние не сакаме. Сакаме да имаат дом. Не сакаме животните да бидат малтретирани по улиците, да бидат тепани, измачувани и труени, а за тоа никој да не одговара. Бараме спроведување на законите, порача таа меѓу другото.

Меѓу другото, Здруженијата нагласија дека е потребен и Прaвилник и Регистар на одледувачници кои ќе плаќаат уредно данок, со што ќе се спречи да работат на црно и да се зголемува притоа бројот на бездомни животни низ градот.

Исто така, контрола со бездомните животни би се зголемила доколку и Советите усвојат одлуки за одданочување на сопственици со репродуктивно способни миленици, но и одлука за субвенциии за оние што сакаат да го кастрираат миленикот.

Back To Top