skip to Main Content

Голема измама со купопродажба на автомобили – 1ТВ дојде до дел од договорите…

Голема измама со купопродажба на автомобили – 1ТВ дојде до дел од договорите…
  • 19.07.2018

Приведен измамник кој преку лажна купопродажба на автомобили измамил повеќе од 20тина граѓани. Изамникот купувал автомобили во име на фирма, не ги плаќал на купувачите, а потоа ги препродавал за повисока сума. Договорите за купопродажба не биле евидентирани во сметководството на фирмата и не била направена никаква трансакција од сметката на фирмата. МВР поднесе кривична пријава против измамникот, а судот му одредил 30-дневен притвор. Според информациите на МВР, притворениот се товари за 17 измами преку кои се офајдил со речиси 80.000 евра. Дополнително, измамникот доставил податоци од лична карта која претходно ја пријавил за изгубена.

„Сите 17 кривични дела А.Љ. ги извршил на идентичен начин. Во својство на полномошник на правните лица ги навел оштетените да склучуваат и потпишуваат договори за купопродажба на половно моторно возило кај нотари во Скопје, а договорениот износ не им го платил. Исто така договорите за купопродажба на патничките возила пријавениот не ги евидентирал сметководствено во правните лица во чие име и за сметка како полномошник ги купил возилата, не прикажал обврски за плаќање по однос на склучените договори. Спротивно од тоа, А.Љ. истиот ден или наредните денови по склучување на договорите, веднаш ги препродавал возилата како полномошник на правните лица со склучување и заверување на нотарски договори за купопродажба на моторни возила со други физички лица како купувачи“ – изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Дел од измамените лица ја контактираа нашата телевизија, но не сакаа да застанат пред камера. Велат дека сите договори биле склучувани кај еден нотар чие име е познато на редакцијата. 1ТВ се обиде да стапи во контакт со посочениот нотар, но од неговата канцеларија ни рекоа дека е на годишен одмор. Неговиот заменик пак, ни спушти слушалка кога му кажавме за што го бараме. Од нотарската комора брифираат дека добиле известување од двајца нотари за сомнителна фирма и еден оштетен ја пријавил измамата кај нив, по што комората интерно го препратила дописот до сите нотари са бидат внимателни. Според информациите од МВР, договорите се потпишувале кај повеќе нотари и не е исклучено истрагата да се прошири и на нотарите.

1ТВ стаса до неколку купопродажни договори изготвени од ист адвокат. Едниот договор е од 20 јуни за купување на возило марка Ауди. Договорената сума е 8.000 евра, а во договорот стои дека парите ќе бидат исплатени 2 до 3 дена од денот на потпишување на договорот. Ова е единствениот од договорите до кои дојдовме во кој е наведен рокот за исплата на парите. Во останатите договори не е наведен ниту рокот, ниту начинот на исплата на парите. Во друг договор од 21 јуни, измамникот купува Ланд Ровер за 10.500 евра, а веќе следниот ден купува Мини Купер за 5.000 евра. Фирмата Мет Трејд во чие име измамникот ги склучувал договорите е основана на 9 февруари годинава по општа дејност трговија на големо. Дел од оштетените се сомневаат дека и нотарите се вмешани во измамата и тврдат дека има повеќе измамени лица.

Кристина Атовска

Back To Top