skip to Main Content

Гинекологија Чаир досега не почнала постапка за решавање на проблемот со загадувањето

Гинекологија Чаир досега не почнала постапка за решавање на проблемот со загадувањето
  • 07.02.2019

Град Скопје досега нема добиено доказ дека некоја постапка е почната во Специјална болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир, по написите дека болницата чади и прекумерно загадува. На болницата и беше даден рок од 30 дена за да го решат проблемот со котелот.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска одговарајќи на новинарско прашање рече дека очекува болницата да почне постапка во дадениот рок од 30 дена. – По почнување на постапката, ако бидеме запознаени со определена фактичка состојба тогаш може да размислиме за преиспитување на одлуката. Но, не можеме да толерираме неработење на институциите кои на крајот на денот одат на штета на сите граѓани, рече Шилегов.

Појасни дека според законот нема опомена, туку тие дале писмено известување. Надвор од тоа писмено известување, како што рече, болницата може да добие казна и затворање на котелот.

– Тука ја покажуваме и нашата флексибилност како Град Скопје, сакаме да дадеме шанса на определени процеси да почнат ако веќе ги најавуваат дека ќе почнат. Не е работа на Град Скопје да се грижи за системите за затоплување на болниците во градот или во Република Македонија. За тоа треба да се грижи самата болница или надлежното министерство, рече Шилегов.

Прашан до каде е постапката за проектирање на булеварот од Аеродром кон Керамидница, Шилегов рече дека проектирањето е завршено, а првата фаза ја внесуваат во изработка. Отворањето на понудите за избор на најповолен понудувач на градежните активности е закажано на 14 февруари годинава.

– Го добивме проектот за мостот како втора фаза што ќе оди преку Керамидница. Во моментот е на ревизија, па ќе ја распишеме постапката. Почнавме со експропријација и повеќе од 30 отсто од трасата на која треба да поминува новиот булевар во делот кај скопско Сајмиште е веќе расчистено. Очекувам дека ќе влеземе интензивно во експропријација и онака како што го најавив проектот за времетраење очекувам дека ќе биде завршен, рече Шилегов.

За скопскиот градоначалник е важно што на пролет ќе почнат со градежните активности на реализацијата на новиот коридор во нашиот град. Потсети дека треба да бидат урнати 180 објекти, а имало можност коридорот да поминува на поинаква траса.

– Ние изготвивме во таа фаза проект заедно со Општина Гази Баба бидејќи градската траса требаше да поминува по општинската улица. Понудивме Договор за меѓуопштинска соработка до Општина Гази Баба, но Советот на Гази Баба каде мнозинството го сочинува ВМРО-ДМНЕ го одби барањето на нашиот град. Тоа граѓаните на Скопје ги чини време и околу осум милиони евра повеќе, пари кои ќе треба да ги потрошиме за експропријација, рече Шилегов.

Шилегов очекува кон крајот на летово градската администрација да се пресели во новата административна зграда.

Back To Top