skip to Main Content

Галуп: Граѓаните задоволни од работата на Владата

Галуп: Граѓаните задоволни од работата на Владата
  • 27.04.2018

Речиси половина анкетирани македонски граѓани позитивно ја оценуваат работата на Владата на Република Македонија, покажува 41. глобален извештај на Галуп интернешенел на тема Индекс на влада.

Истражувањето е спроведено во периодот од крајот на ноември до почеток на декември 2017 година, и според него индексот на Владата на Македонија е 48.

Дека македонската Влада е ефикасна сметаат 47 отсто од анкетираните, 48 отсто оцениле дека ја почитува волјата на народот, додека 50 проценти од нив сметаат дека ја води земјата во правилна насока.

Во Македонија, Брима спроведе теренска анкета, лице в лице во домот на испитаникот, врз репрезентативен примерок од 1.210 испитаници на возраст над 15 години. 

Од соседите на Македонија, најблизу до оваа оценка се владите на Србија и Албанија со индекс 41. Во однос на Македонија, Србија и Албанија, во значително помал број позитивно се оценети владите на Косово со индекс 28, Владата на Бугарија со индекс 27 и со најниска позитивна оценка е оценета Владата на Грција со индекс 20.

Резултатите од најновиот светски водечки Глобален барометар на тема „Индекс на гласот на народот за владата“ покажуваат дека само една третина од граѓаните на глобално ниво, позитивно ги оценуваат нивните влади.

Индексот на Гласот на народот за владата покажува дека јазот меѓу политичарите и нивните граѓани е поголем во поразвиените и демократските земји. Таквото масовно незадоволство создава услови за популистички движења и екстремно десни/леви бранови, се наведува во извештајот на Галуп интернешенел.

Back To Top