skip to Main Content

Ѓорчев: Му ја напишав крвната група на Села на блузата

Ѓорчев: Му ја напишав крвната група на Села на блузата
  • 15.05.2018

Пратеникот Влатко Ѓорчев во сведочењето пред Кривичниот суд за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села рече дека кога се обидел да влезе во прес-салата на Собранието, го спречила толпа луѓе. Потоа слушнал истрел, по што се зголемила тензијата.

„Кога ги видов повредените пратеници решив да застанам пред нив и да ги штитам. Сфатив дека нема да можам сам да ги штитам и почнав да повикувам луѓе заеднички да ги одбраниме луѓето“, рече Ѓорчев.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ појасни дека ги повикал на помош поранешните пратеници Александар Флоревски и Веле Горгиевски. Потоа ги сретнал Антонио Филевски, како и новинарите Горан Трпеновски и Бранко Горгиевски. Ѓорчев сведочеше дека во одбрана застанал и обвинетиот Александар Јаневски Тошта.

„Тошта цело време стоеше до мене и активно ги бранеше луѓето. Не само што се туркаше дури, туку и апелираше со зборови да престанат“, рече Ѓорчев, објаснувајќи дека кога почнале експлозиите од шок-бомбите, се исплашиле бидејќи не знаеле што се случува.

Ѓорчев рече дека од канцеларијата на третиот кат, пратеникот Зијадин Села го однеле во пратеничкиот клуб. Таму комуницирал со него, но Села тешко зборувал

Тој рече дека го прашал Села која крвна група е, по што откако му ја кажал, Ѓорчев со пенкало ја запишал на блузата што ја носел пратеникот за да не се губи време во болница.

Обвинетиот Тошта на пратеникот му се заблагодари за сведочењето.

Back To Top