skip to Main Content

Владата ги утврди новите имиња на институциите на РСМ финансирани од Буџетот

Владата ги утврди новите имиња на институциите на РСМ финансирани од Буџетот
  • 05.03.2019

Од Владата информираат дека на 124 седница, на предлог на Меѓуресорска работна група за извршување на обврските од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, донесе одлука да ги задолжи, односно да им укаже и препорача на сите институции да извршат промена на јавните табли на влезот од сите институции, во однос на името на државата, согласно амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV, XXXVI на Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот закон за спроведување на амандманите од ХХХIII до ХХХVI на Уставот на Република Северна Македонија и Законот за употреба на јазиците.

Исто така, Владата на РСМ ги задолжи и им укажа на сите институции, да извршат проверка дали е извршена промена  на сите дигитални записи (логоа, меморандуми, електронски комуниказии, веб-страни, медиуми итн) и да извршат проверка дали е извршена измена на меморандумите, печатените материјали, папките, индикаторите, согласно заклучоците број 4 и број 5 од 120-тата седница на Владата на Република Северна Македонија, и во рок од 7 дена до Меѓуресорска работна група за извршување на обврските од Конечната спогодба, да достават збирен извештај дали е извршена бараната измена и до кој степен.

Димитров: Институциите да ги променат називите во разумен рок

Во разумен рок или согласно вообичаените административни практики, што е во духот на Договорот од Преспа, треба институциите во земјава да ги променат своите називи со што ќе бидат испочитувани одредбите од Договорот, изјави шефот на дипломатијата Никола Димитров пред почетокот на панел дискусијата „Трансатлантските перспективи и Западен Балкан“.

Димитров посочи дека согласно Договорот една е насоката која што треба да се почитува во однос на институциите, а согласно новото име Република Северна Македонија, а друга е линијата што се однесува на идентитетот, односно се што е поврзано со идентитетските прашања.

-Во овој случај формалното име на пример на Армијата би била Армија на Репубика Северна Македнија, бидејќи тоа е сега уставно име на државата, но, на пример во случајот со Македонски народен театар, имаме етнички елемент и најверојатно ќе биде Македонски народен театар, рече Димитров.

Во однос на МАНУ напомена дека тоа е државна институција, но таму има одредена специфика и изрази надеж дека ќе се најде, како што рече, едно добро решение за оваа институција.

Министерот за надворешни работи потсети дека тоа што МНР го направило кон Обединетите нации, билатерално кон државите во светот и другите меѓународни институции сега се прави во однос на државните институции, бидејќи е важно праксата да биде униформирана согласно Договорот од Преспа.

Тој потсети дека МНР веќе издало и Упатство за медиумите за употреба на новото име.

Back To Top