skip to Main Content

Вкупно 635 кутии со МРП вакцините биле со погрешна декларација

Вкупно 635 кутии со МРП вакцините биле со погрешна декларација
  • 11.01.2019

Инспекциските надзори низ здравствените домови во земјава откриле вкупно 635 кутии со МРП вакцини на кои биле залепени декларации со поминат рок, а не 67 како што првично информираше министерот Филипче.

Спорните вакцини биле пронајдени во здравствените домови во Крушево, Струга, Велес, Демир Хисар, Крива Паланка, Вевчани, Охрид и Скопје. Деновиве се очекуваат резултатите од инспекциските надзори и во другите градови на Македонија.

„Во текот на утрешниот ден инспектори од МАЛМЕД ќе одат повторно на терен за да ги потврдат наодите каде е детектирано дека има од вакцините со погрешни декларации во вакциналните пунктови во остантите градови. По завршување на инспекцискиот надзор, ќе имаме повторна средба со МАЛМЕД по што ќе следи дополнително известување за медиумите“, соопштија од Министерството за здравство.

Колку вакви вакцини се потрошени – не може да се каже со сигурност. Не се знае колку вкупно биле со погрешни декларации од 28.000 колку што биле набавени од истата серија. Но и покрај тоа од Министерството упорно уверуваат дека вакцините се со проверен квалитет.

„Сите дози од МРП вакцината се со добар и проверен квалитет од реномираниот европски производител GlaxoSmithKline од Белгија. МРП вакцината е безбедна и произведена во Европската Унија. Има два сертификати, за квалитет од производителот и од контролна лабораторија. На секоја кутија вакцина и на секое шишенце вакцина има т.н воден жиг на кој стои дека се со важност до мај 2019 година, односно јули 2019 година. Ова е единствената потврда дека сите вакцини се апсолутно безбедни и со важечки рок“, реагираше Министерството.

Во меѓувреме, Министерството за образование се уште не се знае дали ќе се пролонгираат зимскиот распуст поради епидемијата од морбили. Велат дека се во постојан контакт со министерството за здравство. Оттаму пак во соопштение најавија дека ќе се спроведува и теренска вакцинација во училиштата по стартот на школската година.

Христијан Баневски

Back To Top