skip to Main Content

(ВИДЕО) Ристиќ: Ќе ги преземам сите правни мерки против полицајците за противправното апсење

(ВИДЕО) Ристиќ: Ќе ги преземам сите правни мерки против полицајците за противправното апсење
  • 19.09.2018

Актерката Ирена Ристиќ ќе ги преземе сите правни мерки за гонење на полицајците, кои ја приведоа по еколошката акција пред Владата. Во заедничко соопштение за јавноста, таа и нејзиниот адвокат најавија дека немаат намера да прејдат преку, за нив непрофесионалниот однос на полициските службеници.

„Време е, ако сакаме да тврдиме дека веќе не живееме во режим, да се позанимаваме со оние кои треба да бидат пример за чест, а не за потсмев. Ве известуваме дека ќе бидат преземени сите правни мерки против инволвираните кои си создаваат илегална пракса на носење на наводно алкохолизирани лица во психијатриска болница за „стручно лице“ да процени по физиономија дали сте пијан (нешто што не поминува на суд), што нема законски основ, прво, а второ е идиотски“ – напишаа Ристиќ и нејзиниот адвокат на Фејсбук.

Во истата објава упатија и правна поука дека секој полицаец во моментот кога ве приведува е должен прво да се легитимира, да ве запознае со причините за вашето приведување на јазик кој го разбирате, да ви даде поуки дека имате право да молчите, да ви даде поуки дека имате право на бранител и да ви овозможи да го повикате веднаш – право кое според тврдењата не и било овозможено на актерката Ристиќ. Но во полицискиот билтен немаше ниту збор за тоа.

„И.Р. и В.Р. биле приведени во Полициската станица Центар за понатамошна постапка, поради сторени прекршоци против јавниот ред и мир. Кај лицето В.Р. (32) било утврдено дека е под дејство на алкохол, по извршено алкотестирање“ – соопшти тогаш полицијатa (17/09/2018)

Оттаму пак денес велат дека се уште не е пристигната претставката до секторот за внатрешна контрола, но тврдат дека откако ќе пристигне веднаш ќе покренат постапка. Доколку биде утврдено пречекорување или каква било неправилност во постапувањето, службениците ќе бидат санкционирани – велат од МВР.

Приведувањето се случило неколку часови по акцијата „Не биди ѓубре“ преку која јавни личности ги чистат јавните површини во градот, со намера да ја покажат пасивноста на комуналните претпријатија. Ристиќ, како една од најгласните активистки претходно објави дека лица вработени во ЈП Комунална хигиена Скопје ѝ испратиле омаловажувачки пораки, поради нејзиниот активизам и гласните критики кон нивното неработење.

Таа и претходно била ставана на тапет во јавноста и тоа токму поради безусловниот активизам за општествено важни прашања. Ристиќ не се воздржуваше ниту во критиките за актуелната власт, иако дел од медиумите за време на политичката криза ја посочуваа како партиски војник на СДСМ.

Инаку таа е вработена работи во Драмскиот театар во Скопје, а зад себе има неколку филмски и телевизиски остварувања, кои ја позиционираа како едно од најеминентните актерски имиња во земјава.

Христијан Баневски

Back To Top