skip to Main Content

(Видео) Неправедно обвинетите во „Јустиција“, се вратија на работа во Кривичен

(Видео) Неправедно обвинетите во „Јустиција“, се вратија на работа во Кривичен
  • 11.07.2019

Дел од судиите и судските службеници кои беа неправедно обвинети во случајот „ Јустиција“, се вратени на работа. Неофицијално, првиот работен ден од минатата недела, административците го поминале чекајќи по ходници, бидејќи судот не знал каде да ги распредели.

Од Кривичниот суд за 1ТВ ја потврдија информацијата дека судиите се вратени во одделот за прекршоци, а службениците се распределени во оние оддели во кои има потреба од дополнителни работници. Седумте судии од Тетото, Куманово и Неготино, кои ги заменуваа своите колеги додека беа на суд, уште пред две години, повторно биле вратени во судовите каде претходно постапувале.

„Ве информираме дека двајца судии кои беа опфатени со предметот во јавноста познат како „Јустиција“, а во меѓувреме не им беа исполнети услови за заминување во пензија, со одлука на Судскиот совет се вратени на работа во Основниот Кривичен суд, и веќе се распоредени да постапуваат во прекршочниот оддел. Што се однесува до службениците, сите службеници се вратени на работните места и постапуваат во оние оддели во кои има потреба од дополнителни службеници се со цел да не дојде до никаков застој во работењето на
судот“-велат од Кривичен суд.

Адвокатот Звонко Давидовиќ кој пред Битолскиот суд бранеше двајца судии, за 1тв вели дека се уште нема одговорност за оние кои го покренаа овој судски предмет. Еден од неговите клиенти е вратен на работа, додека другиот веќе е во пензија.

И покрај тоа што адвокатите на ослободените судии  најавуваа дека ќе бараат оштета за нив, се уште до  Министерството за правда  не пристигнало ниту едно барање за надомест на штета.

Случајот „Јустиција“ е нотиран и во извештајот на Европската комисија, бидејќи и покрај судискиот имунитет на кој некои од судиите се повикувале, тие биле приведувани и им биле определени мерки на претпазливост наместо притвор. Интересен момент беше што дел од обвинетите судии – наместо да се борат за правда, одлучиле да го признаат делото.

Во полициската акција, пред 5 години, која МВР ја крсти „Јустиција“ беа уапсени 14 судии и 11 судски службеници, а беа обвинети за несовесно работење, со што наводно го оштетиле буџетот за 1,3 милиони евра.

Back To Top