skip to Main Content

(Видео) Карпентер за 1ТВ: Македонија конечно на патот кон евроатлантската интеграција

(Видео) Карпентер за 1ТВ: Македонија конечно на патот кон евроатлантската интеграција
  • 18.02.2019

Македонија конечно е на патот кон евроатланска интеграција, изјави за 1ТВ, Мајкл Карпентер, поранешен заменик-помошник секретар за одбрана. Според него, процесот на членство во ЕУ ќе потрае подолго, бидејќи клучните критериуми се владеење на правото. Владата презела важни чекори во оваа насока, но, како што кажа, вкоренетата корупција и привилегираните интереси не може да исчезнат преку ноќ и треба време за потребните институционални реформи. За САД и регионот, овој експерт истакна дека иако е рано да се предвиди кој ќе биде следен претседател, се надева оти новата администрација ќе го искористи моментумот на Преспанскиот договор, за поголем американки ангажиран во Западниот Балкан, по што, како што додаде, ќе остане да се види дали САД ќе продолжат со опасниот тренд на повлекување од Европа којшто го започна претседателот Трамп или не.

Претставничкиот дом минатиот месец со големо мнозинство гласови, усвои двопартиска мерка со која на администрацијата на Трамп и` се забранува да користи федерални фондови за повлекување на САД од НАТО.

Во ексклузивна изјава за нашата телевизија, републиканскиот сенатор Рон Џонсон, кој претседава со Комисијата за домашна безбедност и владини прашања, ги поздрави Атина и Скопје за мирното решавање на проблемот со името и рече дека се надева оти овој историски чекор ќе придонесе во напорите за мирно решавање и на други долготрајни спорови во регионот. Сенаторот истакна дека со нетрпение очекува да и` посака добредојде на Република Северна Македонија како 30-та членка на НАТО.

Томас Кантримен, поранешен вршител на должноста државен потсекретар на САД за меѓународни безбедносни прашања, предлага македонската влада да се осврне на имплементација на сите детали од Договорот поврзани со споменици, симболи и слично, и итна изработка нови закони, според највисоките стандарди на Европската Унија, а кои се однесуваат на владеењето на правото, борба против корупцијата, независно судство и слобода на медиумите, рече тој.

Потпишувањето на Протоколот е историски за НАТО и за македонскиот народ, се вели во соопштението на сенаторот Крис Марфи, демократ од Конектикат и влијателен член на Поткомисијата за надворешни работи. Зајакнувањето на нашата трансатлантска алијанса е важно, во време кога Русија ја зголемува својата агресија во Источна Европа. Според него, како партнер на НАТО и потенцијална членка, Македонија покажа исклучителна посветеност кон Алијансата.

И покрај дозата на скептицизам, во овдешните кругови се чини преовладува оптимизам дека ова е една успешна приказна, дека ова значи безбедносна гаранција и долгорочна стабилност во Југоисточна Европа.

Јулија Велковска

Back To Top