skip to Main Content

(Видео) Заев: Сега со право можеме да кажеме дека дел од визијата на Трајковски се исполни

(Видео) Заев: Сега со право можеме да кажеме дека дел од визијата на Трајковски се исполни
  • 26.02.2019

Претседателот на Владата, Зоран Заев денеска присуствуваше и се обрати на молитвениот појадок, организиран во соработка со Меѓународната фондација на Борис Трајковски, по повод 15 годишнината на трагичната смрт на поранешниот претседател Борис Трајковски.

Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Зоран Заев:

„Денеска одбележуваме 15 години од трагичниот настан, од авионската несреќа во која го загуби животот претседателот Борис Трајковски и уште си него осуммина негови најблиски соработници и членови на екипажот на авионот.

И на овој ден, претседателот Трајковски го прави тоа што најдобро го знаеше: Да собере, да здружи, да обедини, да ги прибере околу себе членовите на заедницата.

На овој ден, пред 15 години, во раните претпладневни часови, светот го обиколи страшна, трагична вест: Во авионска несреќа кај Мостар, додека ги извршуваше своите државнички обврски, загина претседателот Трајковски, членовите на неговата придружба и пилотите во авионот.

Светот се соочи со фактот дека во тој тажен момент беше прекинат животот на државникот Трајковски додека беше во полн подем, со инспиративна политичка зрелост и политички континуитет што оставија длабока и неизбришлива трага во историјата на современата независна македонска држава.

Ненадејната смрт на претседателот Трајковски ни одзеде голем државник, безмерно сакан сопруг, татко, брат и пријател. Ни одзеде сограѓанин кој со

извонредна енергија, истрајност, мудрост и трпеливост, ја извршуваше највисоката функција во државата.

Мојот сограѓанин, Борис Трајковски е роден на 25-ти јуни 1956 година во Струмица. Дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1980.

Беше избран за претседател на Република тогашна Македонија, сега Северна Македонија на 15 декември 1999 година, како втор претседател на нашата независна држава.

Претходно беше 12 години на чело на Младинската организација на Методистичката црква во поранешна Југославија. Во своите рани политички години беше претседател на Комитетот за надворешни работи на ВМРО-ДПМНЕ, во периодот од 1998 до 1999 година ја извршуваше функцијата заменик министер во Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија.

Со својата знаменита и впечатлива фигура беше секогаш препознатлив и активен учесник на долга низа меѓународни настани, конференции и форуми главно на темите за решавање на конфликти, верска толеранција и слобода.

Имаше само 47 години кога беше прекината неговата политичка кариера. Кога беше избран за претседател беше најмладиот претседател на држава и врховен командант во историјата на регионот. Тоа го определи Трајковски да му припаѓа на генерацијата млади и современи европски политичари. И не само заради возраста, туку и заради неговиот модерен политички пристап, Трајковски во фокусот на своето внимание и посветеност ги имаше натамошната демократизација на општеството, почитувањето на човековите права, зајакнувањето на граѓанското општество, развојот на пазарната економија, владеење на правото, и борбата против корупцијата и криминалот.

За свој врвен и првенствен приоритет ја имаше поставено заложбата за подобрување на животниот стандард на граѓаните и за еднакви можности за граѓаните, без оглед на нивната политичка, верска или етничка припадност. „Разговараме да создадеме општество засновано од индивидуалци, не од етнички групи, од граѓани, не од малцински групи“, имаше обичај постојано да потсетува и да препорачува.

Во однос на своите надворешно политички определби Трајковски беше максимално посветен на поттикнување на соработката во Југоисточна Европа и на спроведување на неговата заложба за мирна добрососедска политика, со почит за суверенитетот и територијалниот интегритет на соседните земји.

Својата европска визија ја внесуваше како основа за еден нов квалитет во развојот на регионалната соработка.

Back To Top