skip to Main Content

(Видео) Заев од Гостивар: Вие младите имате должност да гласате за подобра иднина

(Видео) Заев од Гостивар: Вие младите имате должност да гласате за подобра иднина
  • 07.09.2018

Претседателот на Владата на Република Македонија и претседател на СДСМ, Зоран Заев, вчера на граѓанскиот собир во Гостивар на коалицијата „Заедно за Европска Македонија“ пред присутните гостиварчани изрази огромна благодарност до сите етнички заедници кои живеат во Македонија, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци за големата поддршка, трпение и разбирање што го покажаа во процесот на носење на договорот со кој го зачувавме и зајакнавме македонскиот идентитет.

„Должност ми е како граѓанин на Република Македонија да се заблагодарам и на Албанците, и на Турците, и на Власите, и на Ромите, и на Бошњаците, и на Србите, и на Власите и на другите во државата затоа што имавте разбирање до небото за нас Македонците постигнувајќи го овој договор. Идентитетот на Албанците не беше загрозен. Ако беше загрозен ќе се борев исто како што се борев за македонскиот идентитет. Истото се однесува и за Турците, за Бошњаците, и за нивната поддршка. На Србите, на Власите, на сите во државата“, рече премиерот Заев.

Премиерот Заев соопшти дека Република Македонија секој ден добива финансиска помош од Европската Унија којашто изнесува 260.000 евра за која рече дека постојано ќе расте со напредокот на земјата во преговорите со ЕУ до нивото на достигнување на европскиот стандард, што претставува цел на Европската Унија со чие исполнување земјата ќе добие шанса за влез во ЕУ.

„Вие младите имате должност, имате одговорност и да излезете и да влијаете на сите околу вас дека имаат обврска, заради вас младите. Сите околу вас имаат одговорност, но најмногу вие младите луѓе во Македонија да излезете и да гласате за иднина, за Европа, за НАТО, за работни места, за повисоки плати, за фер и праведно општество, за достоинствен живот на сите во Македонија“, им порача Заев на младите од Гостивар.

На граѓанскиот собир во Гостивар свое обраќање имаше и аналитичарот и невладин активист од Асоцијацијата за демократски иницијативи, Алберт Муслиу кој рече дека на 30-ти септември, на најважниот момент во историјата на независна Македонија гласот за ќе обезбеди перспективна и сигурна иднина за младите луѓе, но и за сите граѓани. Пред присутните гостиварчани се обрати и младата музичарка Елизабета Јовановска која ги повика младите да излезат и гласаат на 30-ти септември за Европска Македонија.

Back To Top