skip to Main Content

Вечерва на 1ТВ стартува „Печат на неделата“ со Сашо Орданоски

Вечерва на 1ТВ стартува „Печат на неделата“ со Сашо Орданоски
  • 22.04.2018

Денеска во 21 часот, стартува новата емисија на 1ТВ, „Печат на неделата“ со Сашо Орданоски.

Ордановски за сајтот на 1ТВ изјави дека добро е за гледачите во морето на информации да се направи еден пресек за два до три настани кои ја одбележале неделата.

-Секоја седмица остава печат врз општествено-политичките случувања во земјава. Пред да заврши неделата, добро е да се осврнеме на тоа што се случувало во изминатите седум дена, низ разговори со моите гости, вели авторот на емисијата Сашо Орданоски, новинар и аналитичар.

Секоја издание на емисијата ќе има две до три теми најважни кои ја одбележале изминатата недела. Темите во првата емисија ќе бидат – добивањето на безусловната препорака од Европската комисија за Македонија, судењето за насилствата на 27 април минатата година во Собранието на Македонија.

-Во принцип секоја тема ќе има мал прилог од 30-тина секунди кој ќе го опише настанот што ќе го дискутираме, и потоа со двајца гости разговараме за два-три аспекти на тој настан. Тоа нема да бидат „историјатски“ дискусии, туку брзи размени на мислења за правење по неколку поенти за секој настан што поминал, навестува Орданоски.

Орданоски потенцира дека „Печат на неделата“ нема да биде емисија од аналитички тип, со широки објаснувања на темите.

-„Печат на неделата“ ќе биде брза, не не и површна емисија. И, пред се, конкретна анализа на настаните што ја одбележале изминатата недела, посочува Орданоски.

Тој додава дека во емисијата нема да учествуваат гости кои често се појавуваат во другите медиуми.

-Гостите во емисијата сепак ќе бидат познати личности во јавноста. Нема да се ограничиме само на домашни личности, туку ќе имаме и гости од странство, вели Орданоски.

Back To Top