skip to Main Content

Бубашваба пишува: Денес над Македонија се раѓа, многу злоба и омраза

Бубашваба пишува: Денес над Македонија се раѓа, многу злоба и омраза
  • 04.07.2019

Денес над Македонија се раѓа, многу злоба и омраза.

Дозволете ми да ви се обратам. Јас сум вашата бубашваба пишувач. Од толку мноооогу бубашваби кај нас, јас ќе бидам вашето огледало, вашата потсвест. Зошто баш денес? Затоа што ми пукна филмот. Ве читам, ве слушам и искрено да ви кажам добив нагон на повраќање од вашата злоба, од вашиот сеир и потреба да цицате нечија крв.

А дан ми је тако лепо почео….

Ми се јавува Доналд Трамп и ми вика: Јас сум тој кој ù рече на Тамара да ја скокне строфата, мене ми пречи. Ама зоштоооооо му велам? Затоа што јас така сакам. Македонски народе, слушате ли? Кога збувнав, му велам: Па ти знаеш ли кои сме ние? Па знаеш ли дека сме потомци на најголемиот војсководец на сите времиња? Во нашите вени тече крвта на Аце.

Поверувавте? Па толку ви треба. И од помалку правите скандал.

Барате и посакувате затвор за пејачка што ја згрешила строфата. Луѓе мои, ако можам така да ве наречам, се слушате ли себе си? Барате, посакувате линч, за што?

Ниту еден не отиде во затвор од тие што треба да изгнијат таму, а сакате да го пратите Тамарчето да оди во Шутка? Па одеднаш сите станавте експерти и цитирате членови од закони.

И  Дурловски испадна херој затоа што го знаел точниот текст. Па нормално, партиските војници секогаш пеат по ноти. Сакате и Тамара да ја втурнете во политички игри и ја набедувате дека од политички причини, по наредба на Заев, еееј на Заев, ја згрешила химната. Па згора на сė, наши новинари го прашуваат Заев зошто Тамара ја згрешила строфата? Па дали сте нормални? Кај човекот тресе зелени кај ќе стигне, уште сакате да ви одговара на музички прашања? Сега уште да биде и музички експерт. Кај е човекот премиер, кај сакаше да биде министер за финансии, кај беше градоначалник, сега сакате да биде и професор по музичко образование и плус церемонијал мајстор во Американска Амбасада. И после зошто Заев тресел глупости, не дека не тресе, рака на срце, ама на глупи прашања, што да одговори?

Некое си локално радио го издигнувате на ниво на Дојче Веле? Оф мори мајко, земјо отвори се. Не го заслужува оваа земја ова. Не ја заслужува ни Тамара. Јас мислам да ја протераме, да ја прогласиме за персона нон грата. Па ова што го направила е најлошото нешто што ù се случило на Македонија. Мислам дека треба да заврши како Чаушеску и Елена. Или да ја каменуваме на сред плоштад. Или уште подобро, да ја удавиме во фонтаната на Аце.

Ете едно добро сценарио кое се надевам ќе ве направи сите среќни. Ќе ве доведе до екстаза. И после што? Следен чекор истото да му го направиме и на Заев. Зошто да не? И после да си го вратиме Груевски. Е во негово време вакво нешто немаше. Неееее во негово време не смееше ни да се пее во живо. Сè фино лепо на плејбек, однапред договорено. Во негово време не смееше ни да се мисли, уште помалку да се зборува. Како трите мајмунчиња. Едното не слуша, другото не гледа, третото не зборува. Држава на мајмуни. Џунгла. На чело со Тарзан.

Најмногу од сė ме нервира што ме натеравте со вашата злоба и јас да станам злобна. Нема да ме натерате да ве мразам, нема да станам како вас. Ама вакви не ве сакам.

Бидејќи вие за мене не сте луѓе, јас нема да ви кажам кој сум јас. Ако дознаете ќе ме згазите како Тамара, поточно како бубашваба.

И фала многу, ми го решивте проблемот со псевдонимот. Бубашваба. Од денес за вас ќе пишува Вашата бубашваба.

Без почит,

Бубашваба.

Back To Top