skip to Main Content

Блупринт групата за реформи во правосудството: Транспарентно донесени закони со вклученост на граѓанскиот сектор

Блупринт групата за реформи во правосудството: Транспарентно донесени закони со вклученост на граѓанскиот сектор
  • 30.05.2019

Целиот процес на спроведување на Стратегијата и Акцискиот план за судските реформи за извештајниот период од март до мај 2019 година генерално може да се заклучи дека беше потранспарентен од претходно, а вклученоста на засегнатите страни и граѓанскиот сектор беше подобрен, рече на денешната прес-конференција извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска во име на Блупринт групата за реформи во правосудството, давајќи осврт на најновиот извештај на Европска комисија за нашата земја.

Иако, како што посочи, првично зададената временска рамка за донесување на 13 од мониторираните закони не е испочитувана, сепак во овој извештаен период и покрај опструкциите од претходниот претседател на државата, беа донесени вкупно пет од овие мониторирани закони.

-Некои од законите за кои ние и реагиравме е на пример Законот за јавно обвинителство. Пред одреден временски период имавме реакции за тоа дека не бевме вклучени во процесот, дека не беше запознаена јавноста и дека ние немавме простор да ги дадеме своите предлози и препораки, меѓутоа во овој период тоа беше надминато бидејќи бевме повикани од страна на Министерство за правда да ги дадеме своите предлози и препораки за унапредување на Законот за јавно обвинителство во делот кој се однесува на Специјалното јавно обвинителство. Сметаме дека препораките ќе бидат земени предвид при доработување на законските решенија, рече Пировска.

Ценејќи го целиот процес, како што посочи таа, секогаш го имале во предвид и политичките процеси кои се случуваа во земјата, па според тоа нивните наоди по однос на почитувањето на временската рамка се мошне толерантни со оглед дека земјата помина низ процеси кои навистина се значајни за нејзиниот понатамошен развој и приближување кон ЕУ, како Преспанскиот договор, изборите, а тука се и опструкциите од страна на поранешниот претседател на државата кој одби да потпише поголем дел од законите што беа притоа и реформски закони.

-Сепак, на крај ќе можеме да заклучиме дека во тековниот период беа донесени закони кои се мошне значајни за судските реформи како Законот за судовите, Законот за Судскиот совет на РСМ, Законот за бесплатна правна помош, Законот за управните спорови и Законот за прекршоци, изјави Пировска.

Ива Цоневска од Институтот за европска политика нагласи дека во извештајот од ЕК се поздравени напорите направени на внатрешен план, односно самите реформски процеси пред се постигнувањето на клучни резултати во определени области кои се нагласени во самите заклучоци на Советот: судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформите во разузнавачките служби, јавната администрација.

-Поглавјата 23 и 24 кои се тесно поврзани со владеење на правото, споредено регионално, ние имаме најголем напредок, како и најголемо ниво во усогласеност во однос на останатите земји во регионот. За споредба во ланскиот извештај на ЕК беше нотирано дека 75 проценти од законите беа донесени во скратена постапка, додека во годинашниот извештај е нотирано дека само 20 проценти од законите се донесени во скратена постапка. Всушност, во овој извештаен период добивме две позитивни мислења од Венецијанската комисија во однос на Законот за судови и Законот за Судски совет. Европската Комисија констатира дека правната рамка во делот на правосудството овозможува цврста основа за правни промени рече Цоневска.

Во следниот период, како што истакна таа, фокусот треба да биде ставен на имплементација на законите во делот на правосудството, како и сите клучни чинители и правосудни институции со своето однесување и дејствување да придонесат да се врати довербата на самите граѓани во судскиот систем.

Натали Петровска од Коалиција „Сите за правично судење” нагласи дека до Министерството за правда адресирале забелешки во однос на Предлог-законот за јавно обвинителство.

-Имавме средба со министерката за правда и ја истакнавме нашата загриженост во однос на одредени проблематични области во самиот закон. За нас, како Блупринт група проблематични беа две – три точки и од нив добивме одговор дека токму на тие точки треба самите тие да работат. Ги опфаќа деловите со она што е мандат на СЈО и мандатот на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, односно во еден дел од законот е предвидено надлежност која се префрла и на едното и на другото јавно обвинителство. Сметавме дека тука би дошло до конфликт, односно судир на надлежноста, а со тоа понатаму и можност за одолговлекување на постапките во време за решавање на овој конфликт, односно судир. Сметаме дека законот треба да претрпи некоја преработка со цел јасно да се констатира и определи на кои од овие обвинителства точно ќе му биде одредено, според Кривичниот законик, мандат за постапување по одредени кривични дела, изјави Петровска.

Според неа мандатот на СЈО треба да продолжи да биде во насока на гонење на висок криминал и високи политички државни функционери, како што бил и изминатиов период.

-Да се разграничат двата закони. Законот за јавно обвинителтво да биде систематски закон и ќе го опфати функционирањето на институциите, во случајот ОЈО и СЈО, додека на Законот за кривична постапка да се остави тоа што е негова надлежност, односно примена на докази, средства и материјали во рамки на една постапка што би можело да биде користена во таа постапка, рече Петровска.

Симона Трајковска од Центар за правни истражувања и анализи се осврна на Законот за управен спор и Законот за прекршоците кои стапија на сила по потпишувањето од страна на новиот претседател. Траковска истакна дека Законот за управен спор ќе ја подобри постапката, предвидува санкции за институциите кои нема да постапат навремено и воведува јавна расправа како начело за постапки. Со Законот за прекршоци се намалува казнената политика и се воведува мерката опомена, но како предизвик останува усогласувањето на голем број закони.

За новиот Закон за бесплатна правна помош, кој се донесе пред две недели, зборуваше Гоце Коцевски од Македонско здружение на млади правници. Законот е квалитативно подобрување споредено со претходниот и предвидува новини кои ќе го олеснат пристапот до правда за сиромашните граѓани. Исто така, проширен е опсегот на правни прашања кои ги опфаќа и се очекува забрзување на постапката за одобрување на бесплатната правна помош.

Мирослав Драганов од Институтот за човекови права посочи дека има квалитативно подобрување во регулативата што ја опфаќа работата на Судскиот совет и судството во целина.  – Се очекува и Законот за Совет на ЈО да ги има истите подобрувања. Во наредниот период се очекуваат видливи резултати при имплементација на законите од страна на сите нивоа во правосудството. Отсега враќањето на довербата ќе зависи од самите судски институции,  рече Драганов.

Back To Top