skip to Main Content

Благодатниот оган утревечер на аеродромот во Скопје ќе го донесе епископот стобиски Јаков

Благодатниот оган утревечер на аеродромот во Скопје ќе го донесе епископот стобиски Јаков
  • 26.04.2019

Благодатниот оган што секоја Велја Сабота веќе два милениума чудесно се појавува на гробот на Исус Христос, утревечер од Ерусалим преку Софија се очекува да пристигне на Меѓународниот аеродром Скопје, информираат од Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

– Годинава содејството и љубовта би рекол на БПЦ и МПЦ ќе се удостои со тоа нејзин епископ да учествува во овој благодатен и чудотворен чин и да го преземе лично благодатниот оган. Ако досега благодатниот оган беше носен или позајмуван, земан од другите цркви преку посредништвото на Бигорскиот манастир и архимандритот Партениј, годинава епископот стобиски Јаков, викарниот епископ од Струмичката епархија ќе го преземе оганот и ќе го донесе како благослов за православниот народ и за православната црква во Република Македонија, изјави отец Бобан Митевски од Кабинетот на архиепископот.

Посочи дека на скопскиот аеродром епископот стобиски Јаков со благодатниот оган ќе биде пречен од неговото блаженство архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и од претставници на другите епархии низ државава, а потоа ќе биде разнесен по храмовите во Скопје и по другите епархии.

– Благодатниот оган е феномен односно чудо што се случува секоја година на Велигден, што самиот се спушта би рекол на еден чудотворен начин во гробот Христов и повторно на еден чудотворен начин се запалуваат свеќите на православниот патријарх кој пребива на молитва во самиот гроб. Потоа тој ги изнесува свеќите и од тие свеќи сите верници или сите претставници, делегати на православните цркви кои стојат во самиот храм пред самиот гроб ги палат своите свеќи или кандилата и ги носат потоа во своите земји, додаде отец Митевски.

Back To Top