skip to Main Content

Бегалците се повлекуваат од импровизираниот камп (ВИДЕО)

Бегалците се повлекуваат од импровизираниот камп (ВИДЕО)
  • 07.04.2019

Безбедносните служби на земјава будно ќе ја следат состојбата на јужната граница и покрај тоа што мигрантите и бегалците, кои вчера се судрија со полицијата, почнаа да се повлекуваат од импровизираниот камп во близина на Солун. Министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, вели дека тоа не треба да ги релаксира службите и додава дека се во постојан контакт со грчките колеги, кои успешно се справуваат со настаните.

Грчките новински агенции јавуваат дека над 800 мигранти и бегалци се вратиле назад во прифатните центри од импровизираниот бегалски камп кај Диавата. Процесот на враќање назад со автобуси траел скоро цел ден. Мигрантите го напуштија прифатниот центар Дијавата во четвртокот по лажните информации дека Балканската рута е отворена и тргнаа на пат кон земјите од Западна Европа.

Во изминатите три дена мигрантите во неколку наврати се судрија со грчката полиција во обид да стигнат и да ја преминат грчко-македонската граница. При вчерашниот судир, грчката полиција одговори со солзавец, при што, повреден бил и еден фоторепортер. Инцидентот, според грчките медиуми настанал откако дел од мигрантите и бегалците почнале да фрлаат камења и шишиња кон полицискиот кордон.

Христијан Баневски

Back To Top