skip to Main Content

Барањето за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељаноски утре на комисија, денеска заглави на техничка грешка

Барањето за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељаноски утре на комисија, денеска заглави на техничка грешка
  • 21.02.2019

За утре е закажана седницата на Комисијата за мандатно имунитетни прашања на која треба пратениците да одлучуваат и да гласаат за барањето на судот за одземање на пратеничкиот имунитет на осомничениот Трајко Вељаноски. Иако се очекуваше претседателот на комисијата Павле Богоевски за денеска да ја свика седницата, разгледувањето на барањето заглави заради техничка грешка.

Речиси цел ден Кривичниот суд и кабинетот на собранискиот спикер Талат Џафери си го препраќаат барањето за одземање на пратеничкиот имунитет на екс претседателот на Собранието, Вељановски. Откако судот го испратил барањето со погрешно напишан став од член на законот, собраниските служби го вратија назад. Потоа, согласно информациите од судот, направена е корекција и барањето е повторно пратено во законодавниот дом.

Првото барање од Кривичниот суд во Скопје за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељаноски, стигнало денеска околу пладне во Собранието на Република Северна Македонија.

Според Деловникот, Комисијата е должна да го разгледа барањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Парламентот.

По добиениот извештај од Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена треба да одлучува за барањето на судот на пленарна седница. Одлуката за одземање на имунитетот се носи со просто мнозинство од вкупниот број на пратеници.

Поранешниот претседател на Собранието и актуелен пратеник Трајко Вељановски, заедно со Миле Јанакиески и Спиро Ристоски вчера попладне беа приведени на распит по наредба на Јавното обвинитеклство под сомнение за вмешаност во настаните од 27 април 2017 година.

Back To Top