skip to Main Content

Барањето за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељаноски стигна во Собранието

Барањето за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељаноски стигна во Собранието
  • 21.02.2019

Барањето од Кривичниот суд во Скопје за одземање на пратеничкиот имунитет на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, стигна во Собранието на Република Северна Македонија.

Од собраниската прес-служба  велат дека претседателот на Собранието Талат Џафери барањето ќе го достави до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Според Деловникот, Комисијата е должна да го разгледа барањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Парламентот. Со Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања претседава пратеникот Павле Богоевски.

По добиениот извештај од Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена треба да одлучува за барањето на судот на пленарна седница. Одлуката за одземање на имунитетот се носи со просто мнозинство од вкупниот број на пратеници.

Актуелниот пратенички состав досега по барање на судот донесе одлуки за одземање на имуинитетиот на пратениците Никола Груевски, Љупчо Димовски, Крсто Муковски, Јохан Трачуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски.

Поранешниот претседател на Собранието и актуелен пратеник Трајко Вељаноски, заедно со Миле Јанакиески и Спиро Ристоски вчера попладне беа приведени на распит по наредба на Јавното обвинитеклство под сомнение за вмешаност во настаните од 27 април 2017 година.

Вељановски се повика на пратеничкиот имунитет, додека на поранешните министри Јанакиески и Ристоски им беше одреден 30-дневен притвор.

Back To Top