skip to Main Content

Апелација решава за затворската казна на Јанкулоска за „мерцедесот”

Апелација решава за затворската казна на Јанкулоска за „мерцедесот”
  • 25.02.2019

Скопска Апелација, по одложувањето, ја одржува седницата за жалбата на пресудата против поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во предметот „Тенк“. За набавката на луксузниот „мерцедес“ Јанкулоска беше осудена на затворска казна од 6 години.

Судијката известител Тања Милева повеќе од час и половина читаше делови од пресудата на Добрила Кацарска. Двајцата адвокати и Јанкулоска по паузата од половина час ќе ги образложат жалбите со кои бараат пресудата да се укине, а предметот да се врати во првостепениот суд на повторно судење.

Според пресудата на Кривичен за предметот „Тенк“, поранешниот премиер Никола Груевски го нарачал луксузниот „мерцедес“, а Јанкуловска го поттикнала тогашниот помошник-министер Ѓоко Поповски да испланира јавна набавка на која ќе се јави договорениот понудувач „Макаутостар“.

Ако судот ѝ ја потврди казната, според Законот за извршување санкции, Јанкулоска може да бара да биде одложена од извршување поради мајчинството, бидејќи нејзиното дете сè уште нема наполнето една година.

За истиот случај Груевски доби 2 години ефективна казна затвор. Апелација му ја одби жалбата и му ја потврди казната, по што тој побегна во Унгарија. Осуден останува и помошник-министерот Ѓоко Поповски, на кого наместо 6,6 години затвор, апелација му изрече 4,6-годишна затворска казна.

Back To Top