skip to Main Content

Ангеловски: Сузбиена организирана криминална група, таткото на Јани Бојаџи меѓу осомничените за трговија со артефакти

Ангеловски: Сузбиена организирана криминална група, таткото на Јани Бојаџи меѓу осомничените за трговија со артефакти
  • 06.10.2018

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Основното јавно обвнителство за гонење на организирана криминал и корупција во текот на вчерашниот ден  спроведе координирана акција со цел сузбивање на организирана повеќечлена криминална група составена од лица од Скопје, Велес, Струмица, Радовиш, Тетово, Струга и Битола, инволвирана во вршење на кривични дела против културното наследство и природните реткости, сооопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес конференција.

Меѓу лицата кои се задржани во полициска станица се до изведување пред судија на претходна постапка е и таткото на режисерот Јани Бојаџи.

-Криминалистичката истрага се спроведуваше една година од страна на ОСОСК – Единицата за сериозен криминал, при Секторот за криминалистички истраги, а вчера се извршени претреси на вкупно 16 локации, при што од слобода се лишени 13 лица и од нив привремено се одземени голем број на артефакти: монети, полускапоцени и скапоцени камења, стар накит, скулптури, керамички и бронзени предмети, метални шипки, мапи, метал детектори, скици, тефтери, нотеси, мобилни телефони, рамка за пиштол и куршуми и сл.- рече Ангеловски.

На 05.10.2018 година, поднесена е кривична пријава против вкупно 14 лица: Р. П. (46) од с.Лисиче,Велес, А. Б. (70) од Струмица, И. Д. (51) од с.Делогожди -Струга, Ж. Р. (65) од Скопје, В. М. (60) од Скопје, К. А. (49) од Тетово, Д. М. (37) од с.Раклиш, Радовиш, С. А. (28) од с.Ињево, Радовиш, Ј. М. (72) од Струмица, З. Ј. (66) од Битола, А. Б. (74) од Струмица, О. Р. (57) од Скопје, Т. Ј. (47) од Велес, Б. Д. (45) од Велес, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ по член 394 ст.1, „присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ по чл.265, „изнесување односно извезување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ по чл.266 и „прикривање“ по чл.261 ст.3 од Кривичниот Законик на Република Македонија.

– Пријавените организатори и членови на злосторничко здружување, во наведениот период со умисла и континуирано нуделе на продажба поединечно или групно повеќе предмети пронајдени претходно или во тек на посочениот период, договарале и вршеле истражувања на различни локации.Ископаните археолошки предмети од непроценлива вредност (монети, скапоцени и полускапоцени камења) на повеќе археолошки локалитети на повеќе локации низ државата (Струмица, Велес) ги продавале на заинтересирани лица од странство (Албанија, Турција и Грција), а продажбата ја вршеле на непосредни средби. Купопродажбата освен на територија на Македонија, ја вршеле и во Грција- соопшти Ангеловски.

По лишувањето од слобода И.Д., Ј.М., Б.Д., В.М., А.Б., Р.П., Ж.Р., и А.Б. се задржани во полициска станица до нивно изведување пред Судија на претходна постапка, а О.Р., Т.Ј., К.А., З.Ј. и Д.М: по извршен службен разговор се пуштени, велат од МВР.

Ангеловски демантираше било каква поврзаност меѓу овој случај и филмот на Бојаџи „Ругање со Христа“, кој предизвика контроверзии, а Министерството за култура го означи како скандалозен, бидејќи ги навредувал чувствата на Албанците.

Сценаристот и режисер Јани Бојаџи, по синоќешната македонска премиера на неговиот филм на отворањето на 3. Меѓународен фестивал на дебитантски филм „Киненова“, ја повика Владата да го остави филмот да заработува и да се прикажува низ Македонија. Бојаџи, на денешната прес-конференција во МКЦ, рече дека вчерашниот настан за него била совршената можност за тој и филмот да се разделат и филмот да си тргне по неговиот, а тој по својот пат.

– Веќе јас не сум важен и на филмот му посакувам добра среќа и да се сретнеме сите некаде пак. Важно беше да се случи таа премиера за да се отвори таа порта и паднат сите маски. Тука јас завршуваме, еве го филмот. Ако отвора општествени дискусии, мене ќе ми биде драго да се разговара, рече Бојаџи.

Крајната идеја на филмот, продолжи тој, е да се гледа во кино, но дека само Штип прифатил во понеделник да се направи премиера.

За случајот со апсењето на таткото на Јани Бојаџи се огласи и поранешната министерка за култура, Ганка Цветанова, која според неа со постапката на полицијата на ваков начин се оцрнуваат луѓе и цели семејства.

„Не наседнувајте на соопштение на МВР за апсењето на таткото на Јани Бојаџи! Типично УДБАшка метода за оцрнување на луѓе и цели семејства. Сетете се дека и Ченто бил уапсен пред својата куќа а тогашното МВР соопштило дека го уапсиле на границата при обид за бегство во Грција!“, напиша таа на својот Твитер налог.

Back To Top