skip to Main Content

Амбасадорите го чистеа кејот на реката Вардар

Амбасадорите го чистеа кејот на реката Вардар
  • 26.04.2018

Под мотото „Исчисти, Твитни“ денеска се одржа волонтерска еко-акција за чистење на кејот на Вардар со која беа опфатени патеките и бреговите од двете страни на реката во централното градско подрачје на Скопје.

Акцијата, која се промовираше и преку твитер, ја организираа Пивара Скопје, Амбасадата на Кралството Холандија и компанијата Пакомак, а кон акцијата се приклучија и британскиот амабасадор Чарлс Герет и амбасадорот на САД Џес Бејли со нивните тимови.

Ламбро Патче, менаџер за односи со јавност и комуникации во Пивара Скопје рече дека преку ваквите еко-акции сакаат да упатат порака и апел кон останатите компании и целото општество дека сите треба да го преземат својот дел од одговорноста и повеќе да се ангажираат во решавањето на проблемот со загадувањето, со што ќе создадеме одржлива иднина за нас и за следните генерации.

Холамндскиот амбасадор Вилем Ваутер Пломп ги поздрави учесниците на годинешната акција, која воедно е и дел од активностите за одбележување на „Денот на Кралот“ – националниот празник на Холандија.

– Го споивме убавото со корисното и уште еднаш се обидовме да го дадеме својот придонес за намалување на загадувањето кое е голем проблем за луѓето и за природата. Единствен ефикасен начин за трајно надминување на овој проблем е повеќе работа, посветеност и соработка меѓу јавниот сектор, компаниите и граѓаните. Со нашиот денешен ангажман сакаме да покажеме дека секој од нас може да даде личен пример за другите и да го поттикне решавањето на кој било проблем, истакна Пломп.

Ова е трета по ред волонтерска еко-акција што ја организираат Пивара Скопје, Пакомак и Амбасадата на Холандија. Во претходните две акции беа исчистени брегот и водите на езерото Матка, како и кејот на реката Вардар. Целокупната логистичка поддршка за соодветен транспорт, селектирање и рециклирање на собраниот отпад ја обезбеди Пакомак.

Шилегов: Акцијата за чистење на кејот на Вардар порака до мене, но и до скопјани

Традиционалните акции што ги организира Холандската амбасада се одвиваат веќе три или четири години на неколку локации во Република Македонија. Овој пат е опфатен и кејот на реката Вардар во Скопје. Чувствувам дека тоа е порака и до мене како градоначалник и до вработените во ЈП „Комунална хигиена“, но и до сите нас коишто сме граѓани на Скопје бидејќи отпадот го создаваат луѓето.

Ова денеска го изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов на отворањето на туристичката сезона во Скопје на градскиот плоштад „Македонија“.

– Во рамки на реорганизацијата на „Комунална хигиена“ веќе почна да функционира посебна бригада од 35 вработени чија единствена работна задача ќе биде чистење и одржување на кејот во беспрекорна состојба. Очекувам дека со нивната секојдневна работа и ангажираност во догледно време ќе го вратиме сјајот на кејот на реката Вардар и во еколошка, но и во естетска смисла на зборот, онаков како што заслужува да биде, рече Шилегов.

На новинарско прашање дали ќе продолжи да функционира или ќе се укине туристичката стража во Скопје, Шилегов смета дека таа служела за потсмев.

– Скопје не е град за потсмев. Скопје е град кој треба да биде респектабилен, град кој треба да остане во убави спомени, а не во спомени за потсмев. Од тие причини дел од таквото лудило повеќе во градот нема да биде, рече Шилегов.

Прашан за преголемиот број на билборди во Скопје, Шилегов рече дека работат на нивно намалување. Според него, се работи за комплексен проблем бидејќи станува збор за повеќегодишна концесија од 10 или 15 години, а фирмите кои го имаат тоа право ги поставуваат.

– Разговаравме со нив со цел рекламирањето на јавниот простор да го направиме подостоинствено, естетски подобро и билбордите да не пречат во движењето на пешаците и велосипедистите. Разговорите со носитетелите на концесијата за поставување билборди одат во добар правец и очекувам дека ќе можеме и ќе успееме да постигнеме договор за намалување на бројот на билборди, рече Шилегов. Смета дека се работи за еден криминален договор за рекламирање во рамки на ЈСП Скопје непосредно пред неговото доаѓање, а склучен во, како што рече, сомнителна постапка на повеќе од 10 години, а ја девалвира и уништува цената и конкурентноста на пазарот на рекламирање во јавниот простор и во автобусите на ЈСП Скопје.

На новинарското прашање за решенијата за данок на недвижен имот, Шилегов одговори дека и терасите и подрумите се дел од недвижноста и оти тоа не е новина. Ги повика граѓаните да го пријават својот имот, оние кои имаат некои проблеми да дојдат во градската администрација за да им се помогне.

Back To Top