skip to Main Content

Агенција за филм: Проектите се оценуваат по најстроги критериуми

Агенција за филм: Проектите се оценуваат по најстроги критериуми
  • 12.07.2019

Агенцијата за филм ги демантира обвинувањата на дел од филмските продукции, кои по распределбата на парите од неодамнешниот конкурс реагираат дека селекцијата била скандалозна. Во одговор на прашањата од 1ТВ, од Агенцијата за филм велат дека критериумите се подеднакви за сите, проектите минале низ темелна евалуација и неколку филтри пред да се донесат конечните одлуки за финансирање до Управниот одбор. Незадоволство, додаваат оттаму, ќе има, а на незадоволните продукции им порачуваат да вложат дополнителен труд во работата.

„Што се однесува до прашањето дека извесни продукции добиле повеќе проекти низ годиниве, следствено на горенаведеното, за нив е одлучувано по утврдените правила. Секако, станува збор за продукции со повеќедецениско искуство кои одговорно и квалитетно произведуваат филмови. Тие се препознатливи и надвор од границите и во контекст на комплексната работа со филм која подрзбира и грижливо создавани контакти и релации како и одлична репутација преку успехот и работата стигнува до големите филмски фестивали и ја валоризирале нашата кинематографија. Се надеваме дека ќе се надминат суетите на оние кои не успеале на овој конкурс, и на истите им е натаму отворена можноста да се пријавуваат во иднина“ – вели директорот Горјан Тозија во дописот до 1ТВ.

Ова е одговорот до продукциите кои по објавувањето на резултатите реагираа на социјалните мрежи најавувајќи дека ќе бараат одговори како биле поделени парите.

„Се жалат дека немаат пари. И во овој конкурс има голем број на апликанти за долгометражен филм а има само еден победник. На овој конкурс пари му се дадени и на продукцијата која за 11 години од оваа институција има добиено 3.2 милион евра. (Продукциите и тие што се занимаваат со производство на филм во нашата земја, знаат за која продукција се работи). На овој конкурс аплицираа повеќе албански продукции и автори за долгометражен филм, но нема ниеден победник! Одолговлекувањето на објавување на резултатите остава простор за сомневања за злоупотреба!“ – пишува Бунјамин Куртиши.

Незадоволните филмски работници најавија дека нема да стивнат нивните реакции и дополнително одговори ќе бараат од Министерството за култура. Дали на повидок е нов скандал? Јавноста се уште ја памети распределбата на пари од годишната програма на Министерството, кое речиси без денар остави низа афирмирани проекти.

Back To Top