skip to Main Content

Авторот на првите политички трилери кај нас – Санта Аргирова во „Студио 1“

Авторот на првите политички трилери кај нас – Санта Аргирова во „Студио 1“
  • 25.04.2018

Белегот што го остава злото во политиката врз едно време е инспирацијата на авторот на првите политички трилери во Македонија. „Времето на Перонов“ на Санта Аргирова ќе ја има својата промоција во петок во книжарницата „Култура“, а раскажува за ова злоупотребено време во кое нема место за добронамерни и наивни, туку царуваат уцени, закани и убиства.

-Ова е писание за борбата меѓу доброто и злото, но во политиката. Затоа книгите се од жанрот политички трилер. „Портрет од Дрезден“ е првиот. Тоа е вечна борба, од „Божествената комедија“ седум века понаваму, се уште ја имаме истата ситуација. Прашањето што се поставува е дали политиката е сето зло или е само една од најмрачните позиции на злото. Злоупотребата на политиката е навистина големо зло затоа што оној што ја злоупотребува под себе ги става невините, наивните кои на некаков начин се принудени да станат дел од злото, да го бранат. Станува збор за нивното подаништво, вели Аргирова.

Според Аргирова, доаѓате до трагичната парадигма злото, и злоупотребите на политиката, времето, позицијата и моќта да станат израз на доблест. Во трилерите прикажува фиктивни ликови што се зло сами по себе, нивни поданици заведени од сјајот на злото и наивните кои стануваат негови жртви. Борбата е вечна и не се знае дали некогаш ќе заврши.

-Ние го живеевме сето тоа и не можеме да кажеме дека останавме имуни, особено не кога некои од нас имаа и тешки последици. Тоа е таа замрзната слика којашто ти останала во окото и од која подоцна правиш фикција, затоа што не би можела да кажам дека ова се вистински настани, но духот на времето е вистински, вели Аргирова.

Според Аргирова, под дух на времето обично подразбираме нешто добро, но во случајов е нешто што не треба да се заборави.

Back To Top