skip to Main Content

Австриската амбасадорка ќе ги претстави приоритетите на австриското претседателство со ЕУ

Австриската амбасадорка ќе ги претстави приоритетите на австриското претседателство со ЕУ
  • 02.07.2018

Австриската амабасадорка во Македонија Ренате Коблер пред членовите на собраниската Комисија за европски прашања денеска ќе ги презентира програмата и приоритетите за работата на Австриското претседателството со Советот на Европската Унија, кое започнува денеска и ќе трае до декември годинава.

На седницата  на Комисијата поканети се  координаторите на пратеничките групи во Собранието, претставници на невладиниот сектор и на дипломатскиот кор.

Австрија сака да го задржи фокусот на бугарското претседателство кон земјите од Западен Балкан. Република Македонија од Европскиот совет деновиве доби прецизна временска рамка за почеток на преговорите – јуни 2019 година – за полноправно членство во Европската унија, а во средината на јули со посетата на еврокомесарот Јоханес Хан и официјално ќе започне скринингот на македонските институции.

Шестмесечното претседавање на Австрија со ЕУ се случува во чувствителен момент имајќи го предвид очекуваното завршување на договорот за Брегзит и Буџетот на Унијата.

Австрија трет пат ќе претседава во Унијата. Првиот пат тоа беше во 1998, а потоа и во 2006 година.

Мотото под кое ќе се организираат активностите е „Европа која штити“, а главни приоритети ќе бидат миграциите и прашањата за безбедноста и конкурентноста на ЕУ, но и натамошното приближување на земјите од Западен Балкан кон Унијата.

Back To Top