skip to Main Content
ТОП ВЕСТИ
Јанева со полициска придружба замина за Гевгелија
Законски нејаснотии кој ќе управува со СЈО по приведувањето на Јанева
Судењето за „Монструм“ одложено за 5 септември
Се запали автубус на ЈСП во Ѓоче Петров
Косовското Собрание се самораспушти, се очекува датумот за избори
ЗА СЛЕДЕЊЕ НА ПРОГРАМАТА ВО ЖИВО: WWW.LIVE.1TV.MK
ПРОСЛЕДЕТЕ ГИ СИТЕ ВИДЕО СОДРЖИНИ НА YouTube КАНАЛОТ НА 1ТВ
НАЦИОНАЛНАТА ТЕЛЕВИЗИЈА 1ТВ СИТЕ ГЛЕДАЧИ МОЖАТ ДА ЈА СЛЕДАТ НА КАБЕЛСКИТЕ ОПЕРАТОРИ: MAXTV; VIP; TELEKABEL; NEOTEL; ONE.VIP; TOTAL TV

21 Век – Евровизија – Световизија – осмели се да сонуваш!

21 Век – Евровизија – Световизија – осмели се да сонуваш!
  • 15.05.2019

Судејќи по виденото во првата спектакуларна полуфинална вечер која се одржа синоќа во Тел Авив, Израел, и оваа година треба да бидеме подготвени за големи изненадувања, одлични перформанси, нови поп хитови, совршени текстови и аранжмани (во неколку балади) и грандиозни перформанси.

Од друга страна, според прикажаното вчеравечер, мораме конечно да сфатиме и прифатиме дека на Евровизија повеќе не постојат апсолутно никакви ограничувања, никакви граници, рамки, форми, музички стилови, модни трендови или сексуална ориентација.

Трендот кој го зафати фестивалот пред дваесетина години, поточно во 1998г., токму со победата на израелската претставничка Dana International (роден како Yaron Cohen, подоцна, по промената на полот – Sharon Cohen) која и вчеравечер ни се претстави со изведба на тема која беше поткрепена со случајно пронајдени геј парови чии бакнежи се прикажуваа на големиот екран позади неа, врамени во срце, од година во година, сѐ повеќе се потврдува и етаблира, станувајќи дури еден вид предзнак на фестивалот.

Поддршката кон различностите, на секоја основа, не само сексуална, можноста секоја земја преку својот претставник да изрази сопствени ставови, понекогаш политички (како што прозвучи текстот на претставничката на Србија синоќа), другпат лични емотивни лирики (како кај прекрасните млади кантавтори од Словенија кои воодушевија со благата еротика при допирање на дланките и речиси шепотење на стиховите), фолклорот на земјата (како во песната на Полска), или пак едноставно „неочекуван“ садо – мазо метал шок со синџири и речиси порно мигови како кај претставниците на Исланд.

Од друга страна, повторно се докажа правилото – колку пари, толку музика – односно, во зависност од тоа колку земјата на потекло е моќна да плати за подготовка на сцената и перформансот, толку и ќе добие, како со претставничката на Австралија вчеравечер, која, заедно со придружните вокали едноставно лебдеше над земјината топка пеејќи ја нејзината „Нулта гравитација“.

Многу гламур, еротика, садо – мазо аутфити, народни носии и геј бакнежи

Голотијата на сцена секако беше сеприсутна, за тоа веќе не треба ни да говориме, оти одамна е надминато. Преку претставничката на Кипар (која изведе несомнено добра поп нумера), преку голата нога на претставничката на Србија (која на моменти делуваше како да е извлечена од туѓо тело и прикачена на фустанот), па сѐ до младичот кој танцуваше заедно со претставникот на Португалија, кој себеси се сметал за дојденик од иднината.

Значи, како што рековме, сѐ е дозволено! Само треба да се осмелиш да сонуваш – како што всушност и вели годинешното мото на фестивалот.

Политиката, како и голотијата, отсекогаш се „моткала“ околу Евровизија, што повторно се покажа синоќа со влезот на Сан Марино во финале, со сосема потпросечна песна, и екстремно лоша изведба.

Делењето комшиски гласови исто така секоја година е речиси одлучувачки фактор при финалното гласање. Но, за тоа, потоа.

Скандали секогаш мора да има, понекогаш помали, понекогаш – поголеми.

Вчеравечер на пример, и покрај одличното сценарио и водењето на фестивалот од страна на четворицата водители, сепак, на моменти, звучеше префорсирано интимното распостилање на младиот водител, кој ни го раскажа речиси целиот свој приватен живот, од тоа кога одлучил „да излезе од шкафот“ и јавно да се декларира како геј, до моментот кога извлече фотографија на набилдано торзо на шпанскиот претставник симнато од инстаграм (на што младичот не изреагира најпријатно), па сѐ до тоа дека ни се пофали оти мажот му е од Шпанија, па затоа и тој научил шпански.

Но, претпоставувам дека и тоа му било дозволено од режија, не верувам дека би си дозволил да импровизира, иако и тоа неретко се случувало.

Скандал предизвика и Мадона, која требаше да настапи оваа година како специјален гостин на финалната вечер.

После долгото најавување, таа вчеравечер, на самиот почеток на Евровизија, на својот официјален ФБ профил се појави со марама на која беше ставен симболот на евреите, и со зашиени усни со црн конец, притоа, давајќи сигнали дека можеби не ќе се појави.

Скандали имаше и од Кралството, од каде, многу познати личности, меѓу кои и Вивиен Вествуд, побараа од Би-Би-Си да не врши директен пренос поради спорот на Израел со Палестина и загрозените човекови права.

Но, тоа е Евровизија! Световизија!

И без скандали, ниеднаш не поминала.

Важно е дека има многу гламур, еротика, садо – мазо аутфити, народни носии и геј бакнежи.

Шоуто мора да продолжи!

До следното јавување за настапот на нашата Тамара утревечер, ве оставам да уживате во вашиот музички избор. Секој со својот.

И да – осмелете се да сонувате! Тоа право не смее никој да ви го земе.

 

Автор на текстот: Димитри Соле Љубин – поет и писател

Back To Top