skip to Main Content

(Фото) Велешки – со отворено Е!

(Фото) Велешки – со отворено Е!
  • 10.03.2019

Од Папрадиште, денес со возот ве канам да ни дојдете во Велес! Во мојот најубав Ќупурли!

Од каде и да тргнете во нашава земја македонска, секогаш ќе стигнете во Велес. Ко оттука сѐ да почнува, и сѐ да завршува. Папокот на Македонија, низ вековите, можеби и папокот на светот. Оти низ Велес минувала и Виа Игнација која водела кон Константинопол, кон Царскиот град, а Римјаните секогаш знаеле што чинат. Токму тука Виа Игнација се вкрстувала со Виа Милитарис.

И денес, сите патишта се вкрстуваат токму тука. Низ Велес минуваат сите железнички линии кои водат кон главниот град, Велес е точката за починка на сите автобуси, тука се спојуваат сите автопати и регионални патишта, оттука мора да минат сите кои патот ги води кон Солун, Атина, Истанбул, и назад – кон Белград, Загреб, Љубљана, па сѐ до Рим, Брисел и Стразбур.

Едноставно, невозможно е да го одминеш, дури и ако си на магаре.

Велес постои како урбана населба уште од 168 година п.н.е. Првичните стари антички населби биле источно од градот во однос на денешната положба. Со подоцнежното населување на Словените градот бил поместен кон денешната положба, и го добил името – Велес.

Во текот на историјата, градот често го менувал името, па така бил познат како Вила Зора, Ќупурли, Титов Велес и Велес. Денешното име го добил во VII век со доаѓањето на Словените на Балканот, од словенското „В ЛЕС“ што значи „в шума“, име кое било дадено поради густите шуми што го опкружувале градот. Но, некои слависти сметаат дека поради голите тревнати ридишта и реката Вардар местото го населувале сточари чиј словенски бог на стадата бил Велес.

Велес или Волос е главен словенски бог на земјата, облаците, водите и на подземниот свет. Поврзан со змеевите, добитокот, магијата, музиката, богатството и измамата. Тој е и противник на Перун громовникот и битката помеѓу нив двајцата го сочинува еден од најважните митови во словенската митологија.

Но, името и историјата не се толку важни! Важна е сегашноста!

Кога наутро ќе се разбудите во Велес, дали на Јурија или на Којник, на Бузаана или на Јаниташ, во Црна Џамија ил во Дворови, на Мегдан ил во Долни Дуќани,  прво што ќе видите низ прозорецот е Сонце, сонце кое го облева целиот град и неговите црвени ќерамиди кои како лалиња ви ги мијат очите!

Оти сите прозорци во Велес мора да гледаат или кон Сонцето, или кон Вардар. Поинаку, не бива.

Ќе ги видите велешките калдрми, коцките велешки, ќе ги чуете ѕвоната на црквите најубави од двата рида на градот – Св. Пантелејмон и Св. Спас, и малите манастири над Тополка – Св. Недела, Св.Ана, Св. Димитрија (Богородица), Св. Петка и св. Никола, и потоа звукот на Црната Џамија и утринската мирна молитва, ќе ги опулите и нашите мостови над Вардар кој го мие градот низ вековите и кој ги носел Ѓемиите до Солун, и Бабуна подолу, и Пешти над Бабуна.

Ќе ве пречека љубезноста на велешани и нивните марифети градски, и топлата телешка ил  чкембе чорба со ракија наутро крај пазарот во велешките меани, ќе ви направат највкусна сарма и потколеница во Боем, пити пастрмајлии насекаде, ќебапчиња и пинџур со душа леб кај Ингилизот, стиховите на Рацина одекнуваат насекаде, уката и думата на Џинот, храброста на Ѓемиџиите и мудроста на Васил Главинов, магијата на архитектурата во куќата на Касапови, тајните на еснафот на Шукара, градот на дланка ќе го држите високо над Костурница, ќе ве пречека духот на градот кој не умира низ вековите и како Феникс повторно се издига од пепелта веќе дваесет и кусур векови, градот низ кој се вкрстувале Виа Игнација и Виа Милитарис, градот за кој се бореле и Византијците и Римјаните и Пајонците и Словените и Турците и Македонците и Тито!

Ќе ве пречека папокот на светот! И топло ќе ве прегрне, за добро утро. Со арно, со добро!

Автор на текстот: Димитри Соле Љубин – поет и писател

Back To Top