skip to Main Content

Филмскиот фестивал „Џифони патува“ два дена во Струмица

Филмскиот фестивал „Џифони патува“ два дена во Струмица
  • 13.11.2018

По завршувањето на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ во Скопје, продолжува патувачкиот дел во помалите градови низ Македонија насловен „Џифони патува“. На 14 и 15 ноември ќе патува во Струмица, каде што околу 600 ученици ќе гледаат филмови и ќе дебатираат под водство на актерката Оливера Аризанова Мансбарт, која ќе биде и ментор на актерската работилница.

– Преку филмската програма, дебатите и креативните активности, тимот на фестивалот „Џифони Македонија“ се стреми неформално да влијае врз едукацијата на младите во областа на филмот и културата и да ги потенцира естетските вредности на филмот, а преку дискусии на темите од филмовите ќе се поттикнат да ги развиваат способностите за дебатирање. На овој начин и младите од помалите градови, каде што најчесто не постои можност за гледање филмови во киносала, ќе можат барем за кратко да ја почувствуваат магијата на филмот. Преку работилниците учениците ќе имаат можност да ја развиваат својата креативност, а во текот на двата дена, секако, најважната работа за нив е да се дружат и добро да се забавуваат, наведува „Џифони Македонија“.

Фестивалската програма „Џифони патува“ се одржува со финансиска поддршка на Агенцијата за филм и Фестивалот „Џифони експириенс“ од Италија, во соработка со Општина Велес и Италијанската амбасада во Скопје.

Фестивалот „Џифони патува“ во изминатиот период се одржа во Велес, Крушево, Берово, Тетово, Штип, Охрид, Битола и во Прилеп, а до крајот на годинава ќе продолжи во Кочани, Струга и Гостивар.

Back To Top