skip to Main Content

Таткото на „бристолскиот звук“ го затвора 18. „ОФФест“

Таткото на „бристолскиот звук“ го затвора 18. „ОФФест“
  • 08.06.2019

Со полноќен диџеј-сет на Деди Џи од „Масив атак“ во  клубот „Епицентар“, вечер завршува 18. „ОФФест“.

Деди Џи се смета за духовен татко на феноменот наречен „бристолски звук“ – лабаво-мрачен со даб, реге, фанк, диско и хип-хоп, застапуван од „Масив атак“ , „Трики“, „Портисхед“,… Пред да формира бенд, Деди Џи беше познат како диџеј. Во 1980 година беше еден од најмладите диџеи во Бристол, а неговото име стана синоним за музички еклектицизам. Уште во времето на Wild Bunch Sound System, имаше статус на локална ѕвезда. Неговите диџеј сетови беа легендарни не само поради селекцијата и вештините на миксање, туку и по неговата способност да го употреби микрофонот на толку различни начини како што тоа го правеше и со грамофоните.

Годинашното издание на „ОФФест“ почна со концерт на виртуозниот дует на велшката харфистка Катрин Финч и сенегалскиот кора-мастер Секоу Кеита по кои настап имаше и македонскиот музичар со њујоршка адреса Крсте Роџевски.

Фестивалот понуди и уживање во африканските звуци на дивата од Мали, Фатумата Дијавара, но и на единствениот Басеку Кујате кој со својот бенд „Ngoni Ba“ го промовираше најновиот албум „Miri”.

Во рамки на „Balkan Fever Night” публиката можеше да ги види претставниците на „унгарската тамбура“ Sondorgo и нашиот Џамбо Агушев со неговиот многуброен дувачки оркестар.

Вчерашната, претпоследна вечер беше резервирана за либанската група „Love And Revenge“ и „Romperayo“ од Колумбија.

Вкупно девет концерти и документарниот филм „Блузот на Мали“, беа на програмата на 18. „ОФФест“.

Back To Top