skip to Main Content

Сашо Тасевски заминува од Драмски, нова директорка е Викторија Рангелова Петровска

Сашо Тасевски заминува од Драмски, нова директорка е Викторија Рангелова Петровска
  • 03.09.2018

Сашо Тасевски, в.д. директорот на Драмски театар Скопје во соопштение информира дека ја напушта функцијата. Како што вели, ја презел институцијата додека била во лоша кондиција, со празна сала и лош репертоар, а заминува со 100% зголемена продажба на билети.

-Се направија претстави кои полнеа сали и се зборуваше за нив во суперлативи. Нешто што претходно му се немаше случено на театарот со години. Имав голема помош од вработените, им подадов рака на сите и ми вратија со посветеност во работата и врвна професионалност. Им пристапив без суета на сите, дури и на оние актери со кои не сме се мирисале лично или поради светогледите. Кога правиш победнички тим, нема место за суета. Ја сфатија пораката. И тие сакаа подобар Драмски театар, пишува Тасевски.

Тој побара од некои од колегите да не шират лаги во обид да го оцрнат за да ја оправдаат нивната хајка за неговата смена од директорската функција и потсети дека откако стана директор, од седум претстави во Драмски, играл само во „Летот над кукавичјото гнездо“.

-Постојат и документи кои велат дека секоја пара што влегла во Драмски е чиста како солза. ФАКТ: Драмски нема долгови. Подобро нека ја кажат вистината. Сашо, ни пречеше од првиот ден кога те назначија за директор, зашто не си во нашата секта која мисли дека треба да добие сe. Тоа се тие борци за правда и квалитет, кои самите добиваат многу привилегии зашто нивни блиски се блиски со некои во власта, додава Тасевски и се заблагодари за можноста во изминатиот период да биде директор на Драмски.

По повлекувањето на Тасевски, кој не ја образложи причината за оставката, за нова директорка на Драмски театар е именувана Викторија Рангелова Петровска.

Back To Top