skip to Main Content

Реконструирана сцената на Античкиот театар во Охрид

Реконструирана сцената на Античкиот театар во Охрид
  • 10.07.2019

Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид во соработка со „Охридско лето“  ја реконструира сцената на Античкиот театар. Станува збор за сцена со површина од 270 метри квадратни, која поради дотраеност беше во лоша состојба. Градежните зафати ги извршија екипи на јавното претпријатие „Градски гробишта“ и технички лица вработени во Завод и Музеј – Охрид.

Сцената, според директорот на „Градски гробишта“ Ванчо Костоски, е комплетно подготвена за непречено одвивање на настаните закажани на Античкиот театар.

– Комплетно го заменивме дрвениот под со ново и квалитетно дрво, поставивме соодветна изолација, а во најгорниот слој е ставена водоотпорна иверка, информира Костоски.

В.д. директорката на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј -Охрид, Елеонора Новаковска потсети дека претходно биле префарбани платформите и пристапните скали до платформите на Античкиот театар, кои беа целосно реконструирани пред почетокот на минатогодишната сезона. За зафатите врз културно-историските добра, според неа, особено е важна соработката, не само меѓу институциите од областа на културата, туку и со локалната самоуправа.

– Ваквиот начин на работа и воспоставување соработка е многу е важен и за одржливиот развој. Ние како институција инвестираме, но со издавање на објектите, парите се враќаат назад и повторно ги користиме за одржување на објектите и локалитетите што се под наша надлежност. Така, сите интервенции околу сцената, платформите и скалилата на Античкиот театар  ги правиме со средства од сопствената сметка, вели Новаковска.

Директорката на „Охридско лето“ Наташа Поповиќ смета дека новата сцена Антички театар ќе биде од исклучително значење за уметниците што настапуваат на овој археолошки локалитет, особено за отворањето фестивалот „Охридско лето“.

Реконструкцијата на сцената на Античкиот театар значи многу за нас, како национална установа која ги носи најзвучните светски имиња од светот на музиката и театарот. Ние, заедно со мегапопуларната британска виолинистка Ванеса Меј, ја имаме честа први да застанеме на обновената сцена на најголемиот археолошки локалитет на отворањето на 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“, посочи Поповиќ

Педесет и деветтото издание на фестивалот „Охридско лето“  свечено ќе биде отворено в петок на Античкиот театар, со почеток во 21 часот.

Back To Top