skip to Main Content

Промоција на новата книга есеи на Лара Прокопиева

Промоција на новата книга есеи на Лара Прокопиева
  • 28.03.2018

На 29 март (четврток), со почеток во 20 часот во кафе-книжарницата „Магор“ ќе се одржи промоцијата на новата книга есеи „Патувња… Патописи… Книги…“ на Лара Прокопиева, во издание на издавачката куќа Авант прес од Скопје. 

Лара Прокопиева (1989, Скопје), е магистер по културолошки студии. Објавила есеи и стручни текстови во интернационални и домашни списанија. Активно преведува од шпански и англиски јазик. За книгата ќе говори Соња Стојменска-Елзесер.

Темата на оваа книга е истражувањето на жанрот патопис низ четири конкретни дела: „Патување низ Италија“ од германскиот писател Јохан Волфганг фон Гете, „Зима во Мајорка“ на истакнатата француска романсиерка Жорж Санд, „Писма од Норвешка“ на српската писателка и модернист Исидора Секулиќ, и „Дневниците на мотоциклистот“ на аргентинскиот марксистички револуционер, и писател Ернесто Че Гевара. Преку нивна анализа се покажува неговата креативна адаптабилност, од една страна – преку средбата на индивидуалниот автор со новите културолошки и егзистенцијални сознанија, а од друга – преку преплетувања на две разнородни култури.

Патописот е книжевно-хибриден жанр преку кој авторот ни пренесува една подетална слика за градовите, земјите и за народите што ги посетил додека патувал и на тој начин ние ги запознаваме и подобро ги разбираме нивните различни карактеристики, традиции и обичаи.

Д-р Соња Стојменска-Елзесер за книгата ќе издвои дека книгата есеи „Патувања… Патописи… Книги…“ од Лара Прокопиева преставува прецизно и методолошки кохерентно истражување, кое произлезува од изразениот афинитет на авторот кон патописот како поопшта креативно-практична културолошка појава, а во тие рамки, особено кон книжевно-уметничкиот патопис.

Back To Top