skip to Main Content

Премиера на бруталниот трилер „Всушност никогаш не беше тука“

Премиера на бруталниот трилер „Всушност никогаш не беше тука“
  • 28.03.2018
Од утре (четврток, 29 март) во кината се прикажува сензационалниот крими-трилер на режисерката Лин Ремзи. Корупција, одмазда и најмрачните внатрешни демони се главна тема на филмот „Всушност никогаш не беше тука“, кој ги доби наградите за најдобро сценарио и најдобар актер на Филмскиот фестивал во Кан минатата година.
Хоакин Феникс се најде во улогата на трауматизиран и емотивно дистанциран воен ветеран и поранешен ФБИ агент, кој живее со дементната мајка, која е и негова единствена врска со она што би можело да се нарече нормален живот. Критичарите ја окарактеризираа неговата изведба во овој мистериозен трилер како најдобра во неговата досегашна кариера.По воената служба, Џо (Хоакин Феникс) како би можел да преживее прифаќа да работи како платеник. Негова специјалност се спасување на девојки кои станале дел од синџирот на бело робје. Причина за неговата последна насилна мисија е Нина, ќерка на њујоршки сенатор, киднапирана и сместена да работи во бордел на Менхетен. Негова задача е да ја пронајде, да ја врати дома и да го убие секој кој ќе му застане на патот. Кога работата ќе излезе од контрола, кошмарите на Џо почнуваат да го обвземаат, што води до две можни опции – негова смрт или негово будење.

Ова остварување го означува враќањето на шкотската режисерка и сценаристка Лин Ремзи, позната по филмот „Мораме да разговараме за Кевин“ од 2011 година. Ремзи ужива репутација на една од најоригиналните и најинтересни авторки кои работат во независната филмска продукција.
Интензивниот трилер е надополнет со музиката на Џони Гринвуд, гитаристот на групата „Рејдиохед“.
Back To Top