skip to Main Content

Презентација на МЕДИА Деск за продуценти и тркалезна маса за филмска критика

Презентација на МЕДИА Деск за продуценти и тркалезна маса за филмска критика
  • 23.02.2019

Во рамки на ревијата на македонски филмови „Златна рамка“ денеска ќе бидат презентирани можностите кои за аудиовизуелниот сектор ги нуди „Медија“ – потпрограмата на „Креативна Европа“ на ЕУ, а утре ќе се одржи тркалезна маса „Нема успешна кинематографија без филмска критика“. Двата настана се од 11.30 часот во фоајето на кино „Фросина“.

Денешниот настан, насловен „Нудиме можности, препознајте и искористете!“, го организира Креативна Европа МЕДИА Деск Македонија со цел продуцентите од филмската и телевизиската индустрија во земјава да се запознаат со начините да се дојде до европските фондови и за тековните повици за аплицирање.

На презентацијата, на која ќе учествуваат гости од Бугарија, зинтересираните професионалци и организации од аудиовизуелниот сектор ќе се информираат какви филмови и серии поддржува оваа потпрограма на „Креативна Европа“, на какви тренинг-програми може да учествуваат, кои се новите стратегии за развој на публика, какви фондови постојат за ВОД-платформи (видео он деманд)…

На вториот ден од ревијата „Златна рамка“ – македонски филмови реализирани во претходната година, од 17 часот денеска ќе бидат прикажани  докумнетарните „Боите на Преспа – птици“ во режија на Перо Попов и „Сонот на дервишот“ на Горан Костадинов.

Во програмата кратки филмови од 19 часот ќе бидат прикажани: „Малина“ на Анастасија Лазарова; „Извидник“ на Андреј Цветков; „Почетокот“ на Агим Абдула; „Љубовникот“ на Игор Иванов; „Сонот за крвта и душата“ на Игор Алексов и анимираниот „Образец 16“ на Иван Ивановски.

Ревијата „Златна рамка“ ќе заврши утре со проекции на уште седум филма во кино „Фросина“. Од 17 часот ќе бидат прикажани три документарци – „Кобра“ на режисерот Игор Иванов, „Локални херои, светски таленти“ на Ајдин Ислами и „Патот на локумот“ на Елизабета Коневска.

Програмата кратки филмови ќе почне во 20 часот и ќе ги прикаже: „И(С) Згубени“ во режија на Антонио Велјановски,  „Гробарот“ на Арсим Фазлија и „Готлиб“ на Крсте Господиновски.  Од 21 часот е долгометражниот „Година на мајмунот“ на режисерот Владимир Блажевски, со кој  утревечер ќе заврши првата ревија на македонски филмови реализирани во претходната година.

Back To Top