skip to Main Content

Прва изложба на дела на прилепчанката Лилјана Ристеска

Прва изложба на дела на прилепчанката Лилјана Ристеска
  • 04.05.2019

Во изложбениот салон на центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, на љубителите на уметноста синоќа прв пат со изложба на свои дела им се претстави прилепчанката Лилјана Ристеска.

Дипломираниот правник во пензија, Лилјана Ристеска, на прилепчани, како што вели, им ја претстави својата љубов кон уметноста, пасијата која потекнува уште од гимназиските денови.

На изложбата се 47 нејзини дела, мотиви на пејзажи и мртва природа, изработени во акрил и масло на платно. Ристеска делата ги создала последните три до четири години, со голема љубов. Посочува дека и се остварила желбата да им се посвети на платното, на боите и на четките, оти како правник во Агенцијата за вработување немала долги години слободно време.

-Желбата за цртање и за сликање се јави уште во гимназиските денови. Иницијатор беше мојот професор по ликовно кој ме вклучи во уметничката секција. Завршив правен факултет и се вработив во Агенцијата за вработување, но уметноста, сликарството, останаа моја љубов. Порано немав многу слободнои време, но желбата тлееше да им се посветам на платното, на боите и на четките. Реализмот за мене е посебен правец во уметноста. Секогаш ме привлекуваа реалната слика, доловувањето на деталите, на сенките. Кога сликам ги внесувам сета моја љубов кон уметноста, сиот мој труд, објаснува Ристеска.

Според историчарот на уметноста Викторија Димеска, делата на Ристеска фасцинираат со играта на светлото и на сенките и очигледно, иако аматер, на сликите впечатлив е доказот дека таа ужива во уметничкиот израз и го негува талентот.

– Ристеска е пензиониран правник, но љубовта кон уметноста, кон бојата и кон четката никогаш не ја напуштила. По завршувањето на професионалната дејност, таа ужива и го негува споствениот талент. Уметноста како способност која тлее во јадрото на уметникот никогаш не ја напушта и секогаш ја следи. Таа има храброст да и се посвети. Играта на боите, на светлоста и сенките е присутна во сите дела, вели Викторија Димеска, историчар на уметност.

Ристеска вели дека и натаму ќе ужива во создавањето на уметноста што ја прави спокојна и среќна.

Back To Top