skip to Main Content

„Петрунија“ викендов освои седум награди на три фестивали низ светот

„Петрунија“ викендов освои седум награди на три фестивали низ светот
  • 23.09.2019

Продукцијата „Сестри и брат Митевски“ соопшти дека филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на режисерката Теона Стругар-Митевска викендов освои седум награди на три фестивали во светот.

На Филмскиот фестивал во Мароко (Salé Women Film Festival) „Петрунија“, како што наведува продукцијата, освои три награди – специјална награда од жирито за режија за Стругар-Митевска, награда за најдобар актер за Зорица Нушева, а главната награда доделена од УНЕСКО нашиот филм ја споедули со грчкиот филм „Нејзината работа“ на Никос Лабот.

-Апсолутен фаворт на фестивалот во Мароко беше „Петрунија“ каде што беше одлично примен од  публиката, жирито, филмските професионалци и новинари. По Мароко, на штотуку завршениот Интернационален фестивал посветен на филмска режија во Србија, „Петрунија“ понесе две награди. Главната награда за најдобра режија ја доби Теона Стругар-Митевска, која е и парична и во висина од 4000 евра, а наградата за најдобра актерка  ја доби нашата Зорица Нушева, соопшти „Сестри и брат Митевски“.

На Филмскиот фестивал во Порторож, Словенија, пак, посветен на словенечкиот филм, „Петрунија“ ја доби наградата за најдобар филм за малцински копродукции „Златна Весна“ во конкуренција од осум филма. На овој фестивал на нашиот филм му беше доделена и уште една награда –  од Здружението на уметнички кина на Словенија.

-Со овие две награди, може да се каже дека „Петрунија“ ја освои и Словенија, како што целосно ги освои жиријата насекаде во регионот и секаде каде што беше во натпреварувачка програма се закити со највисоки признанија, наведува продукцијата на филмот.

Филмот на Теона Стругар-Митевска досега има освоено 21 награда и кинодистрибуција во 35 земји, а оваа есен  ќе се прикажува во Италија, Германија, Шпанија, Полска и во Грција.

Back To Top