skip to Main Content

Перформансот „Човековиот срам“ вечер на МОТ

Перформансот „Човековиот срам“ вечер на МОТ
  • 16.09.2019

На четвртиот ден од Млад отворен театар вечер од 20 часот во Младинскиот културен центар ќе биде изведен танцовиот перформанс од Италија „Човековиот срам“, резултат од проектот „Поетиката на срамот“ во копродукција на #Reteteatro41 и Фондацијата „Матера 2019“. Премиерно беше изведен во март во Матера – италијанскиот град кој годинава ја носи титулата Европска престолнина на културата.

Во режија на Силвија Грибауди и Матео Мафесанти, перформансот го истражува срамот, индивидуалниот и колективниот, преку драмска конструкција раскажаната од телото. Во петчлената интернационална екипа е и нашата актерка Симона Спировска од театар „Артопија“.

Пред половина век Матера бил „град на срамот“ поради екстремната сиромаштија и, меѓу другото, тоа било и инспирација за овој проект. Според актерката Спировска, проектот е инспириран од трансформацијата на Матера од срам на Италија во европски град на културата, односно од неговото издигнување од сопствениот срам, претворајќи го во гордост.

МОТ ќе продолжи утре со хрватската претстава „Младина без бог“ од 20 часот во МКЦ, а потоа со претставата „Бакхи“ на Битолскиот театар од 22 часот на малата сцена на Националната опера и балет. Утре ќе биде организиран и првиот настан од придружната програма на МОТ – работилницата за специфична локација „Orbis pictus – Оди и види“ која од 18 часот ќе се одржи во Железничката зграда.

Back To Top