skip to Main Content

„Осамениот запад“ – премиера на Театарот на Навигаторот Цветко

„Осамениот запад“ – премиера на Театарот на Навигаторот Цветко
  • 02.11.2018

„Осамениот запад“ од Мартин МекДона е нова премиера на Театарот на Навигаторот Цветко која вечер од 20 часот ќе биде изведена во Кино Култура и репризно утревечер. Режисер на претставата е Јане Спасиќ, а во актерската екипа се Оливер Митковски, Ненад Митевски, Драган Довлев, Матеа Јанковска.

Преку црн ирски хумор „Осамениот запад“ раскажува приказна за двајца браќа кои под влијание на околностите имаат особен начин на гледање на реалноста и специфичен однос.„Осамениот запад“ е своевиден крај на трилогијата сместена во малото ирско гратче Линејн.

Авторот на текстот Мартин МекДона е еден од најдобрите на британската современа драма, кој минатата година за филмот „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“ доби награда „Златен глобус“ за оригинално сценарио за кое беше номиниран и за „Оскар“ во 2018. Четири негови драми, меѓу кои и „Осамениот запад“, се номинирани за најпрестижната театарска награда „Тони“.

Оваа претстава е дел од проектот „Направете место за младите театарџии“ со кој Театарот на Навигатор Цветко и Кино Култура имаат цел да поттикнуваат нова театарска продукција и да афирмираат млади автори. Сценографија за претставата е на Енес Деари, костимографијата на Бранкица Јордановска, а
текстот го преведоа Горјан Милошевски и режисерот Спасиќ.

Back To Top