Coming soon
Coming soon
Coming soon
skip to Main Content
ТОП ВЕСТИ
Продолжува судењето за „Титаник“ на СЈО
Кандидатите за технички експерти на интервју во собраниската комисија за надзор на следењето комуникации
Димитров во Грац на дебата за Преспанскиот договор и евроинтергацијата
Павлопулос: Грција ја поддржува европерспективата на Северна Македонија, но потребно е да се исполнат предусловите
Неофит: Ќе направиме се за целосна радост на нашите македонски браќа
НАЦИОНАЛНАТА ТЕЛЕВИЗИЈА 1ТВ СИТЕ ГЛЕДАЧИ МОЖАТ ДА ЈА СЛЕДАТ НА КАБЕЛСКИТЕ ОПЕРАТОРИ: MAXTV; VIP; TELEKABEL; NEOTEL; ONE.VIP; TOTAL TV
ЗА СЛЕДЕЊЕ НА ПРОГРАМАТА ВО ЖИВО: WWW.LIVE.1TV.MK
ПРОСЛЕДЕТЕ ГИ СИТЕ ВИДЕО СОДРЖИНИ НА YouTube КАНАЛОТ НА 1ТВ

Од калта на опинците – до сјајот на Dolce & Gabbana

Од калта на опинците – до сјајот на Dolce & Gabbana
  • 23.02.2019

Војница е ридско село и лежи на надморска височина од 300 метри. Од Велес е оддалечено 17км., и може да се стигне само со автомобил по пат кој си го асфалтираа самите селани. Е во таа Војница, пред околу 130 години се родила прабаба ми Магдалена, се омажила за Јован и ја родила Ратка, Јован починал, и се омажила за Петре кој дошол со три ќерки –  Стефка, Велика и Коца, а Магда му ги родила Румена, Марика, Елена и дедо ми Тодор Мирчевски.

Кога Магда почина, јас имав 13, а таа, според едни документи 96, според други 100 и кусур. Ама, 8 деца изгледала, од кои, три неродени од неа! Сите на иста трпеза!

И поминала Магда и турско, и бугарско, и српско, и Прва и Втора светска војна, ама кога ќе појдев кај нејзе на гости, таа, како дама, со златните обетки на ушите, и со сплетени коси како Фрида Кало, чиста и дотерана, во кревет железен ко француска дама, се знаеше редот!

Прво тропаш на врата, потоа бакнуваш рака, застануваш пред креветот, рецитираш една песна, а таа, од дрвената касела вади бисквита или 10 динари, ти подава, пак бакнуваш рака, и си излегуваш! Права дама!

А од дедо ми Тодор, е од него научив сѐ во својот живот! Кога тој се доселил во Велес и ја оженил баба ми Нада, од Војница дошле со магаре! Мајка ми веќе била родена и си седела таму со баба ѝ Магда. А дедо ми и баба ми, под кирија, на рака правеле тули од плитар, ги печеле, и дење правеле куќа, а ноќе, некогаш и со кокошките спиеле!

Ама дедо ми Тодор учел и завршил Виша агрономска во Тетово, и станал подоцна директор во Македонија Табак. Е тогаш, кога тешкото поминало, Тодор во костум и со првата Шкода во Велес, одел по селата и ѝм давал ум на земјоделците како и што треба да работат.

Спиел и по полиња, ама бил и во Венеција, и во Москва! И НИКОГАШ НЕ СИ ЈА ЗАБОРАВИЛ КАЛТА НА ОПИНЦИТЕ ОД КАДЕ ТРГНАЛ! Иако денес сѐ уште има 20 костуми, не знам колку кравати и кошули! И по дома, иако е одамна пензиониран, си седи по кошула. Тој ме научи како мириса земјата на Војница, кои облаци носат дожд, а кои тага, како расте крушата и како се калеми црешата, кога зајакот ќе стане а кога се крие, како се чита Нова Македонија секое утро за човек да остане писмен, и кое цвеќе колку земја сака! И како се сака и почитува фамилијата! И побратимот! И жената!

А за Војница, таму во 1961г. по попис имало 320 жители, во 2002 – 32, денес, едвај 10ина. Ама јас секогаш се враќам, таму, во калта, да отидам на св. Петка или св. Атанасие, да однесам гости, или да помирувам, да поплачам, и за бедата, и за радоста.

Да седам на Кооперација и да пијам вино и ракија, со посебна салама и вегета на едно трупче, да наполнам вода на чешма, да ја видам куќата на Коле Неделковски кој таму се родил и школувал, и пак да си поплачам, како што плачам додека сето ова ви го раскажувам!

И да не заборавам, никогаш да не заборавам, дека, пред и после италијанските чевли, некој имал опинци!

Ви посакувам пријатен викенд и удобна фотеља.

Автор на текстот: Димитри Соле Љубин – поет и писател

1tv.mk: Преземањето на авторски содржини обајавени на оваа страница е дозволено само делумно (маx. до 30 насто од содржината) и со ставање хиперлинк до содржината којашто се цитира. Непридржувањето до ова правило ќе значи крадење на информациите и соодветно ќе се санкционира од страна на BMJ Мedia Group, согласно позитивните законски норми.

Back To Top