skip to Main Content
ТОП ВЕСТИ
Атина бара исполнување на сите обврски од Договорот од Преспа
Пратеници бараат изборен модел со една изборна единица
Тимот на СЈО разрешен, предметите во рацете на Јовески
ВМРО-ДПМНЕ бара смена на Русковска – на шефовското место да седи професор

Објавени наградите на Фестивалот за непрофесионален филм за 2019 година

Објавени наградите на Фестивалот за непрофесионален филм за 2019 година
  • 10.06.2019

Кино сојузот на Македонија по 48. пат го организираше Државниот фестивал на непрофесионален филм кој оваа година се одржи на 7ми јуни Крушево, во организацијата на Кино Сојузот на Македонија, Народна Техника на Македонија и Општина Крушево, со средства од Агенцијата за Филм на Република Северна Македонија.

На фестивалот беа пријавени 56 филма од 45 автори од кои се 26 самостојни и 7 клубови, во 5 категории што претставува своевиден рекорд. Жирито во состав: Миле Петковски – претседател, Илинденка Петрушева – член и Ана Опачиќ – член, избра 18 остварувања за прикажување во официјалната селекција и ги додели следниве награди: Во категоријата анимиран филм, бронзена плакета доби филмот “Коалица и мачор” од Ана Андонова, сребрена плакета “Црно и бело” од Марија Николаевска – Кино Клуб Арт Кичево. Во категоријата докуменарен филм: бронзена плакета за филмот “Визија” на Стефан Сидовски, сребрена плакета “Чевли” Филип Петрески Фото Кино Клуб Прилеп, златна плакета “Занаетчија” Игор Стојковски Фото Кино Клуб Прилеп. Награди за краток игран филм: бронзена плакета “Попладневни малини” Глигор Кондовски, сребрена плакета “Дождобран” Калин Маловски, златна плакета “Опатија” на Славче Анѓелков.

Grand Prix  “Црно или бело” на Јане Темелковски.

Авторските награди оваа година се доделени на:

  • за Монтажа – Опатија – Дарко Рајчин
  • за Режија –  Црно или бело – Јане Темелковски
  • за Камера – Убаво и грдо – Петре Чаповски
  • за Музика – Човекот кој не беше – Лука Јанкулоски
  • за Сценарио – Изолиран случај – Кристина Даниловска

Исто така направена е селекција од 9 филмови кои ќе ја претставуваат Македонија на светскиот фестивал во непрофесионален филм УНИКА 2019, кој оваа година ќе се одржи во месец август во Холандија. Исто така и селекција од два едноминутни филмови за Светскиот Куп на Едноминутни филмови. Фестивалот е реализиран со средства од Агенцијата за Филм на Република Северна Македонија.

Претседателот на Кино Сојузот на Македонија Саша Дукоски, изјави дека овој фестивал е клучен за развојот на аматерскиот филм во Македонија и рекордниот број на пријавени дела на фестивалот покажува враќање на аматерскиот филм на своето место. „ Развојот на македонскиот филм зависи од аматерските филмови бидејќи без аматерскиот филм нема професионален филм„, изјави Дукоски.

Илинденка Петрушевска, креаторот на Антологијата на македонскиот филм и член на жирито изјави дека и покрај разочарувањето од некои постари филмски клубови, сепак е среќна заради следново:„Многу ми е драго што оваа година авторите се од сите генерации, од постари познати имиња до многу мали нови учесници. Вториот квалитет кој ме израдува е застапеноста на сите родови, од документарен, до краток игран, анимиран, едноминутен, тоа не сме го имале многу одамна. Она што многу ме импресионираше е тоа што младите го знаат филмот, не се раководат само од чувства, и тие знаат своите мисли да ги преточат во визуелна глетка при што користат филмски знаци„, изјави Петрушевска.

Претседателот на жирито, Миле Петковски се задржа на менувањето на односот кон професионален и непрофесионален филм. „Кога зборуваме за квалитетот на аматерските филмови кои ние ги жирирраме, забележуваме дека повеќе не можат да се разграничат од професионалните. Особено во поглед на  квалитетот на сликата и работата со камерата. Малку не разочара откритието дека по филмските клубови не се работи многу, особено на идеите и нивната разработка. Втората работа која ни се допадна е дека некои од постарите автори им се враќаат на корените со добри проекти, а кај младите се забележува раст во квалитетот, со годините. Заради ова сметам дека овој фестивал, како еден од најстарите филмски фестивали кај нас, има добра перспектива„, изјави Петковски.

Зборувавме и со добитниците, Јане Темелковски, еден од тие чие име е познато во оваа фела, со својот филм „Црно или Бело„ замина со главната Grand Prix награда. Вели, филмот настанал случајно, додека работеле на проектот на Петре Чаповски со Академски клуб, каде асистирал со светло.„ Гледајќи го сетот, купиштата ѓубре и шишињата со вино, мислата ми се сврте кон еден човек кој постојано е таму кај Комерцијална Банка, човек со завршен економски факултет, а невработен и бездомник. Така ми се спои приказната и ете, не ни планирав ни да го направам филмот, а најмалку очекував ваква награда. Не очекувам ни од UNICA, бидејќи имам сознанија дека таму едноминутните филмови некако не поминуваат добро. Но, морам да признаам, наградата годи, и покрај фактот што многу малку време имам да им се посветам на непрофитабилните филмови, ми дава мотив да работам на нив. Веќе имам друга идеја во глава, и можеби ќе се видиме и догодина„, изјави Темелковски.

Помладите пак, освојуваат со зрелоста низ годините, и зборувавме со Кристина Даниловска која освои авторска награда, Златна Плакета за сценарио, на свои дваесет години, нејзина петта награда. За својот филм, „Изолиран случај„ вели дека успеала да искаже визуелно свое гледиште користејќи го Film Noir правецот, под  влијание на The Big Sleep со Humphrey Boggart, покрај обилното истражување на темата и со играње со црно бело и боја кое како идеа го добила од филмот Memento.

„ Искрено се надевам дека секој кој ќе го гледа ќе најде свое значење во филмот, но во основа “Изолиран Случај” е филм за проблеми кои личат страшни и мрачни но се всушност мали и можеби малку смешни. Поттикнува на размислување како го гледаме животот кој го живееме, нашите проблеми ни изгледаат најголеми и најстрашни, но некогаш треба да умееме да ги претвориме во смешни и подносливи„, изјави Даниловска

Темелковски и Даниловска со своите филмови ќе не претставуваат на меѓународниот фестивал за непрофесионални филмови UNICA 2019, кој ќе се одржи од 24 до 31 август во Zeist, Холандија.

Back To Top